Водата која го поплави градот Нова Каховка во Херсонската област, откако пукна браната Каховка, утрово продолжи да се повлекува, соопштија градските власти. Сателитските снимки покажуваат куќи и згради под вода, а на многу од нив се гледаат само покриви. Водата се излева на паркови, обработливо земјиште и инфраструктура.
– Нивото на водата почна да опаѓа на претходно поплавените улици на Нова Каховка, соопшти проруската управа на градот Нова Каховка, кој беше заземен од Русија на самиот почеток на нападот врз Украина, пренесува ТАСС.
Сателитските снимки покажуваат поплавени области во јужна Украина, како и браната Нова Кахковка и хидроцентралата, кои во голема мера беа уништени во експлозијата. На снимките се гледа дека вода има на површина од повеќе од 2.500 квадратни километри, помеѓу Нова Каховка и заливот Днепар југозападно од градот Херсон на Црното Море, а поплавени бројни градови и села, пренесува „Ројтерс“.
Сè уште не е утврдено кој е одговорен за експлозијата. Украина тврди дека Русија извршила воено злосторство со минирање на брана од советската ера која напојувала хидроцентрала, додека Кремљ го обвини Киев дека се обидува да го одвлече вниманието од започнување на голема контраофанзива.