Вонредно чистење на атмосферската канализациона мрежа поради најавата за невреме, вршат денеска екипите на скопското јавно претпријатие „Водовод и канализација“. Во соопштението на претпријатието се наведува дека екипите на сектор „Канализација“ при ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје, покрај редовните активности за одржување на канализационата мрежа, во согласност со податоците на УХМР и најавите за невреме во текот на утрешниот ден, спроведуваат и дополнителни активности за расчистување на сливниците и шахтите на критичните точки и сите подвозници во градот.
-Цел е да се обезбеди непрекината функционалност на атмосферската канализациона мрежа. Екипите на ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје се подготвени за интервенции и навремени реакции и во текот на утрешниот ден, во согласност со условите и во зависност од интензитетот и количината на водениот талог, со цел задоволување на потребите на граѓаните и градот Скопје, се наведува во соопштение.
Акцијата на градските комуналци секако дека е за поздравување. При секое невреме одводните шахти се критични места каде во случај на запушување за кусо време се поплавуваат улиците и тротоарите. А запушувањето го прават отпадоците коишто во тој момент се наоѓаат на улиците. Оттаму, напоредно со чистењето на шахтите уште поважно е и да се расчистат улиците од сите видови отпад коишто се наоѓаат на нив за да не се случи брзо запушување на расчистените шахти.