Војната во Украина покрај жртви носи и отровна храна

Уште една страшна последица од војната во Украина што допрва ќе се почувствува ширум светот е токсичната почва. Украина е позната како „житницата на Европа“, но сега се поставува прашањето каков ќе биде квалитетот на тоа жито и секако последиците по здравјето на луѓето од жито растено на отровна земја.

Боевата муниција содржи олово, жива и ТНТ. Овие отровни тешки метали и експлозивни материјали ќе останат во почвата. Дури и војната во Украина да заврши денеска, тие уште долго ќе останат присутни во земјата. А последиците за луѓето, животните и природата се неизвесни, објавува ДВ, а пренесува Индекс.хр.

Според новинската агенција Ројтерс, најмалку 10,5 милиони хектари земјоделско земјиште во Украина наводно се загадени со хемикалии.

Кога отровните хемикалии ќе се најдат во водата или почвата, порано или подоцна ќе стигнат до луѓето преку растенијата, животните или водата за пиење. Ова сè уште се претпоставки на токсиколозите оти за многу локации сè уште недостасуваат потврдени информации за тоа како овие супстанции се однесуваат во почвата и какво влијание имаат врз здравјето на луѓето.

– Само на морското дно на германскиот дел од Северното и Балтичкото море рѓосуваат 1,6 милиони тони муниција, – вели професорот Едмунд Масер, директор на Институтот за токсикологија во Универзитетската болница во Кил. – Кога се распаѓа во водата, тоа ослободува токсичен коктел кој го загрозува морскиот екосистем и на крајот завршува во чиниите на оние кои јадат морска храна, – додава тој.

Опасните материи во муницијата главно се експлозиви и тешки метали. Меѓу експлозивите е и ТНТ кој спаѓа во групата нитроароматици познати по својата експлозивна моќ. – Знаеме од истражувањето направено на стаорци и глувци дека ТНТ е многу токсичен, – вели Масер.

Токсиколозите забележале дека ТНТ од фрлената муниција ја оштетува репродукцијата, растот и развојот на морските организми. Истото се однесува и на другите експлозиви. Тие се канцерогени.

Истото важи и за некои тешки метали како што се арсенот и кадмиумот.

– Тешките метали како живата главно се наоѓаат во детонаторите, каде што во форма на жива фулминати обезбедуваат побрзо детонирање на експлозиви како што е ТНТ, – објаснува Масер.

Живата е исто така еден од тешките метали и предизвикува оштетување на нервните клетки. Тоа може да доведе до вродени анималии кај неродените деца. Оловото може да има сличен ефект и да доведе до развојни нарушувања и спонтани абортуси.

Катерина Смирнова од Соколовскиот институт за наука и агрохемија на почвата на Националната академија на науките на Украина, една од водечките научни институции за почвата и заштита на почвата во Украина, вели дека примероците од почвата од регионот Харков веќе покажале зголемени концентрации на канцерогени тешки метали како што се олово и кадмиум.

Нејзината колешка Оксана Наидјонова, микробиолог од Институтот Соколовски, објаснува дека тешките метали негативно влијаат на активноста на бактериите во почвата.

– Тие го инхибираат развојот на растенијата и снабдувањето со микронутриенти, што придонесува за физиолошки нарушувања и ја намалува нивната отпорност на болести, вели таа.

Сепак, хемикалиите не мора да останат во почвата на само една локација. ТНТ, на пример, може да се разнесе и да се шири со ветер, објаснува Масер. Потоа, дождот придонесува овие супстанции да навлезат подлабоко во почвата. Оттаму, отровните супстанци доаѓаат до површинските води, загадувајќи ги потоците, реките и езерата.

Врз основа на неговото истражување во Северното и Балтичкото Море, Масер претпоставува дека хемикалиите од користеното оружје се акумулираат во синџирот на исхрана. – Стравуваме дека луѓето како крајни потрошувачи се изложени на ризик ако јадат таква контаминирана риба, – се согласуваат токсиколозите.

Токсикологот Едмунд Масер смета дека по оваа војна Црното Море веројатно ќе биде во слична состојба како Северното и Балтичкото Море: море полно со отровна муниција.

Токсиколог и неговиот тим бараат решенија за отстранување на токсичниот ТНТ од морето. Сепак, научниците сè уште не пронашле бактерија која би можела да се користи системски. А проблемот со тешките метали, како што велат, ќе остане.

Масер вели дека тие би можеле да го ископаат горниот слој на почвата за да ги извлечат тешките метали и ТНТ користејќи различни методи за да ја направат почвата повторно разумно употреблива и да ги отстрани хемикалиите. Сепак, таквите мерки за рехабилитација се скапи и одземаат многу време.

Претходна вестМетеоролог од Србија: На Балканот му се заканува снежната бура што ги зафати САД и Британија
Следна вестИгор кој боледува од цистична фиброза: Јас не го добив лекот иако е тука, на клиниките