Службено владино возило во кое се возеле министрите з финансии и за економија Фатмир Бесими и Крешник Бектеши вчеравечер предизвикало сообраќајна несреќа во која две лица се повредени.
Во денешниот полициски билтен од МВР излегоа со основни информации за верижниот судир на три возила, но не соопштија детали како дошло до сообраќајката.
-На 07.02.2022 во 19:15 часот во СВР Скопје било пријавено дека на крстосницата од булеварите Илинден и Св. Климент Охридски се случила сообраќајна незгода помеѓу патничко возило ’шкода‘, управувано од Ј.Б. (38) од Скопје, патничко возило фиат, управувано од Д.П. (45) од Скопје и патничко возило киа, управувано од А.Т. (36) од Скопје, сите со скопски регистарски ознаки. Во незгодата со повреди се здобиле Ј.Б. и сопатникот од патничкото возило шкода, Б.Љ. (35), констатирани во Комплексот клиники Мајка Тереза. Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Скопје, пишува во полицискиот билтен од МВР.
Дека министрите за финансии и економија биле во едно од возилото синоќа потврди Бесими преку социјалните мрежи. Тој рече дека тој и Бектеши во тој момент се оделе на работен состанок во Владата.
-Доцна попладнево, службеното возило со кое се превезував заедно со министерот за економија Крешник Бектеши на работен состанок во Владата беше учесник во сообраќајна незгода која се случи на крстосницата пред Владата. Освен материјална штета на возилата, за среќа нема потешко повредени лица. Дел од учесниците се здобија само со полесни повреди. На повредените им посакувам брзо оздравување, напиша синоќа Бесими на Фејсбук.