Вработен во Институтот за јавно здравје ги исклучил коморите со реагенси

Вчера околу 17 часот во СВР Скопје од Институт за јавно здравје било пријавено дека во временскиот период од 14.30 до 16.00 часот од страна на вработен биле исклучени сите склопки на коморите каде се чувале реагенси за испитување на заразни и незаразни болести, соопшти МВР.

-Излезено е на местото на настанот од полициски службеници од СВР Скопје и се преземаат мерки за расчистување на случајот, стои во соопштението на МВР.

Јавното обвинителство итно оформи предмет по допрен глас за да испита дали во конкретниот случај има обележја на кривично дело.

-Поради сериозноста на можните штетни последици врз здравјето на луѓето што евентуално би биле предизвикани од еден таков чин, како и можноста да станува збор за кривични дела против државата како што се диверзија или саботажа, дежурните јавни обвинители од Основното јавно обвинителство Скопје и од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, заедно со истражители од истражните центри на обвинителството, излегоа на лице место и преземаат увидни дејствија, соопштија од Обвинителството.

Претходно, „Слободен печат“ објави дека хигиеничарката во ИЈЗ забележала дека огромната соба со фрижидери во кои се чуваат реагенси за бројни микробиолошки испитувања на заразни и незаразни болести – не работи, односно фрижидерите се исклучени. Кога вработените отишле кај осигурувачите заедно со раководството, забележале дека само тие што се поврзани со фрижидерите во кои се чуваат реагенсите, се спуштени, односно направен е обид да се исклучи целата комора. Само тие осигурувачи со чија помош се контролирала температурата во фрижидерите – биле спуштени.

Поради навременото откривање на настанот, спречено е бројни реагенси да пропаднат, односно да бидат неефективни поради незапазување на температурата неопходна за нивно одржување.

Во фрижидерите, според информации на „Слободен печат“, имало реагенси за голема кашлица, за уринокултура, реагенси кои се употребуваат за испитувања што во Институтот за јавно здравје ги нарачуваат бројни болници за своите пациенти, а се однесуваат на сите заразни и незаразни болести.

Претходна вестКобно излетување од патот: Загина 21-годишен велешанец
Следна вест„Комунална хигиена“ најави акција за миење на контејнерите за ѓубре низ Скопје