Протест со кој се бара одговор дали фабриката ќе се затвори или и натаму ќе работи одржуваат денеска пред Владата работниците на велешка „Колска“. Тие бараат средба со владини претставници за да се види каква ќе биде судбината на единствената фабрика за шински возила во земјава а која сега поради блокираната сметка не може да функционира.
– Чекаме некој од надлежите да се одважи и да не прими. Проблемите во „Колска” се веќе подолго време, а решение нема. Затоа сме дојдени пред Владата да ни кажат дали „Колска” ќе работи и како ќе работи. Бараме да ни кажат што понатаму, велат вработените.
Доколку се затвори фабриката, како што посочуваат, вработените ќе останат без работа, а сервисирањето на вагоните на „Македонски железници” ќе се прави во други држави затоа што „Колска” е единствената фабрика кај нас која ги сервисира вагоните.
– Ако дојде до затворање на фирмата, 74 вработени ќе останат без работа, а вагоните на „Македонски железници” ќе мора да се сервисираат во други држави, ќе има одлив на девизи по други држави, посочија вработените во „Колска”.
Сметката на „Колска” е блокирана поради заостанат долг од околу 650 илјади евра направен во периодот од 2013 до 2017 година. Поранешното раководство на фабриката не плаќало ДДВ поради што е направен долгот.
– Во периодот од 2013 до 2017 година поранешното раководство на „Колска” воопшто не плаќале ДДВ поради што направиле долг од околу 650 илјади евра. УЈП бара од „Колска” тој долг законски да се плати во рок од три години по 20 илјади евра месечно. Ние тој долг не можеме да го платиме со овој број на 70 вработени што останаа на работа. Можеме да си го платиме само за тековниот месец, односно онаа работа што сега ја работиме, само за неа можеме да платиме ДДВ, изјави вчера директорот на „Колска” Мите Јанков.