Соочени со еден игнорантски однос од страна на државните институции, Владата и Собранието следната недела вработените излегуваат на протест, најави денеска заменик народен-правобранител Јован Андоновски. Тој го образложуваше Годишниот извештај на Народниот правобранител за степенот на обезбедувањето почитување, унапредување и заштита на човековите слободи и права 2022 во рамки на 115. пленарна седница во Собранието.
-Како што можете да видите денеска тука нема никој тука од Владата иако е задолжително присуство на владините министри кои треба да одговорат на нашите предлози и препораки, но и заради тоа што долг временски период институцијата се бори со Владата и со Собранието да обезбеди организациска и финансиска самостојност, рече Андоновски.
И во последниот Извештај на ЕК и во скринингот, нагласи заменик правобранителот, е влезено дека на институцијата Народен правобранител треба да и се овозможи функционална организациска и финансиска самостојност.
-И таа обврска и е доволно позната на Владата и на Собранието и очекуваме пратениците да ги изгласаат измените и дополнувањата на Законот за Народниот Правобранител кои се доставени во Собранието на почетокот на месец септември. Ова што се случува е преседан и веројатно ќе бидеме единствената држава во Европа во модерниот демократски свет каде протестираат против институциите на државата. И ако вработените кај Народниот правобранител не можат да ги заштитат своите права, тогаш која е веројатноста дека ние ќе им помогнеме на граѓаните кои се соочени со пробелми, рече Андоновски.