Платата на околу 2.400 вработени во АД „Пошта“ утрово е пуштена на нивните сметки и тоа е во рамки на законскиот рок. Нема потреба да бидат загрижени за финансиската стабилност и нивните плати.
Ваква порака попладнево испрати генералниот директор и претседател на Управниот одбор на „Пошта“, Јани Макрадули, по средбата со двата синдикати која следуваше откако вработените денеска почнаа да штрајкуваат поради неисплаќање на платата. Во изјави за медиумите, претставници на синдикатите посочуваа дека платата е само една од причините, но имаат и други причини за револт како што се условите во кои работат.
Макрадули рече дека не сака да го коментира тајмингот на овој протест, но на средбата со синдикатите, а потоа и на прес-конференција порача дека Управниот одбор направил низа напори и нема потреба за загриженост.
За „Пошта“ да генерира повеќе приходи, менаџментот аплицирал и до Министерството за информатичко општество и администрација за во своите филијали да стават е-точка за услуги.
По најавеното зголемување на минималната плата на 18.000 денари од 1 јануари 2022 година, тој најави дека природно ќе дојде и до разговори со синдикатите за зголемување на платите на вработените.