Градежната офанзива пред самите избори ги иритира граѓаните

 

За Јаким Неделков, првиот човек на Синдикатот за образование, наука и култура главниот град станува место во кое се полошо се живее.

Кога ќе кажете Скопје, кои мисли и слики Ви се појавуваат?

– Пред се, пред себе го гледам мојот роден град, град во кој го поминав своето детство, образование, работа, град во кој формирав свое семејство, град во кој поминав повеќе од половина век со сите предизвици што го носи времето.

Кое Скопје го сакате повеќе: Ова сега или тоа од порано?

– Секој период на растење и развивање на градот си носи и своја убавина. Ако зборуваме за Скопје некогаш, неизбежно е да се поврзува со периодот на детството и тинејџерскиот период, период кој се чини е најубавиот дел од животот. Незаборавни се маалските дружби, детските игри на улица и полјана, неизбежните баскет и сервис… . Незаборавни се и првите излегувања во град, првите кафулиња во Скопје – Бони и Ани, првите дискотеки Турист, Мусандра, Огниште, Панорама, Скала. И  Скопје не би било Скопје без сендвичите на ,,чичко Стоилко” и незаборавното собирање ,,пред Ванила”. Посериозни локали беа кафеаните со ,,жива музика”, Кермес и Опатија. И никако не се забораваат кино салите Вардар 1 и Вардар 2, Култура, Бамби, подоцна и Центар...

За разлика од некогашно Скопје, денес го имаме Скопје како една метропола, во кој е сконцентрирана целата државна економија и бизнис Тоа само по себе доведува и до чувство на недостаток на простор за работа и живеење. Сите убавини на модерно Скопје се чини бледеат во однос на реално лошиот квалитет на живот во Скопје.

Скопје и скопјани даваат и плаќаат, но дали институциите и градоначалниците доволно му даваат на градот?

– Никогаш не е доволно, секогаш може и повеќе и подобро. Генерално, не е прифатливо со парите на граѓаните да се рушат објекти направени од претходните власти, ниту честата замена на бекатон плочки со асфалт и обратно без сериозна причина или оштетување. И најмногу што ги иритира граѓаните е градежната офанзива пред самите избори, кои на сметка на квантитет градат инфраструктура со лош квалитет. Не смееме да ја заборавиме и градежната офанзива и изградба на голем број згради во градот, каде општините се чини многу лесно ги менуваат плановите и издаваат дозволи за градба буквално секаде, за жал и на зелени површини. Профитот за општинските власти станува приоритет во однос на квалитетното живеење.

Дали Вие доволно му дадовте на градот?

 Спаѓам во групата на лојални и дисциплинирани граѓани, редовно ги подмирувам комуналните трошоци, даноците редовно се платени и од овој аспект давам за градот. Максимално се обидувам со ништо да не допринесам за загадување или уништување на материјалните добра за заедничка употреба.

Со што најмногу се гордеете во Скопје?

 Со позитивните граѓани, со културните зданија, плоштадот, мостовите, спомениците, иако сметам дека во последниов период имаме премногу споменици сконцентрирани на мала површина. Старата скопска чаршија и мирисот на ќебапи, скопското кале, Вардар и кејот на Вардар, Дебар маало

 Што Ви недостасува во градот, а што би одзеле?

– Долгорочни и краткорочни планови за развој на градот, контрола на градба на станбени објекти, трајно решавање на проблемот со сообраќајниот хаос, инвестирање во здрава животна средина, зеленило, чист воздух. Конечно, изградба на доволно нови детски градинки за прифаќање на сите дечиња уште од најмала возраст.

Во какво Скопје сакате да живеете?

 Во град во кој што ќе биде уживање да се живее и работи, тротоарите да бидат наменети само за пешаците, велосипедските патеки само за велосипедистите. Град кој ќе биде дел од себе на сите нас, подеднакво одговорни за неговото одржување и развивање, град во кој што градоначалниците ќе бидат дел од граѓаните и ќе работат за граѓаните, а не за партиските интереси.

Преголемо ли е Скопје за Вас, треба ли да расте или да се намали?

 Дефинитивно треба да стагнира ширењето на градот. Улиците станаа претесни, нема доволно паркинг простори, патувањето низ градот стана преспоро и прескапо, градот почна да живее во турканици.

Претходна вестВработените во „Пошта“ добија плата, Синдикатите велат не е само тоа причина за штрајкот
Следна вестПриведен поткупувач на гласачи од Лозово, давал пари и барал да му се потпишат