ЈП Улици и патишта Скопје ги известува граѓаните дека денеска поради изведба на градежни активности за реконструкција на коловозот, односно машинско гребење на оштетениот асфалт, на улицата „Даме Груев“ во насока на движење од крстосницата со улица „Димитрие Чуповски“ до улица „Македонија“, во периодот од 8 часот наутро до 15 часот попладне, ќе биде воведен времен режим на сообраќај.
Во текот на викендот, најавуваат од ЈП Улици и патишта Скопје, ќе продолжат активностите за асфалтирање со прв слој асфалтна маса на улицата „Александар Урдаревски“, па времениот сообраќаен режим ќе важи за лентата што е во насока на движење од обиколницата кон крстосницата кај населено место Кучевишка бара.
Времениот режим ќе биде обележан со соодветна сигнализација, а поради изведба на градежните активности ќе биде затворена по една сообраќајна лента и на двете улици.
ЈП Улици и патишта Скопје апелира до сите учесници во сообраќајот да бидат внимателни и да ја прилагодат својата брзина на движење според условите на патот.