Вселенскиот патријарх Вартоломеј објави огласително слово на македонски јазик пред почетокот на велигденските пости. На страницата на Вселенската патријаршија помеѓу словата на неколку различни јазици стои и огласително слово на македонски. Патријархот вселенски со зборовите сечесни браќа Архијереи и чеда благословени во Господа, вели во ова благословено време јасно се открива духовното богатство и динамиката на црковниот живот и спасителниот принос во сите свои пројави. Светата и велика четириесетница е време на благопријатно духовно, душевно и телесно очистување и вежбање преку постот, кој не смее да се почитува за да биде видено од луѓето вели патријархот и додава туку со простување на луѓето, исповест ќе бидат простени гревовите од Бога.
Многу се поучивме од безизлезната и самооправдувачка гордост на фарисејот, од неплодниот етицизам и жестокосрдечноста на постариот син од параболата за заблудениот, и од нечувствителноста и осудата на оние кои беа незаинтересирани за гладните, жедните, странците, голите, болните, и затворените „најмали браќа“ на Судијата. На сите нас ни се откри вредноста и моќта на смирението и покајанието, на простувањето и милосрдието, ставовите на чие негување Црквата настојчиво нè повикува во периодов што започнува, стои, меѓу другото, во огласителното слово на Вартоломеј.
Прочка е празник кога верниците се подготвуваат духовно за велигденските пости, со проштевање и прочистување од гревовите. Политичарите годинава како да подзаборавија на празникот, единствено честитка напиша лидерот на опозицијата. Мицкоски побара прочка од блиските, соработниците, од народот а на опонентите и порача дека ќе одговараат за стореното.
-Човечки и исправно е да се побара прочка од оние кои му значат на човека. Но воедно за оние кои постојано грешат, за оние кои постојано, свесно и со години ја печелат својата индивидуална среќа, над колективната несреќа, кршејќи го законите, Уставот, ја злоупотребуваат власта, треба да знаат дека ќе има одговорност.
Прочка е последен ден кога се прават венчавки, крштевки, осветувања бидејќи во време на постот до Велигден, овие обреди црквата не ги извршува. Од утре почнува најстрогиот пост кој ќе трае 48 дена се до празникот на воскреснувањето христово.