Србија е подготвена за купи одредени капацитети на пристаништата во Солун или Пиреја, најави вчера српскиот претседател Александар Вучиќ. Тој зборуваше на отворањето на српско-грчкиот бизнис форум во Палатата Србија што се случува за време на посетата на грчкиот премиер Костас Мицотакис на оваа земја.
Вучиќ истакна дека на Србија и треба пристаниште поради извозот, кој ќе се зголеми.
-Србија се повеќе ќе извезува, мора да имаме пристаниште. За нас е важно да ги искористиме капацитетите на Солун и на Пиерија, дури и да купиме дел од пристаништето, одредени капацитети од 5-10 проценти. Имаме пари, тоа не е проблем. Треба да имаме побрз извоз во светот и разговаравме за тоа. Кога ќе го зголемиме производството на автомобили, со рудници, железарници, тоа ќе ни треба, рече Вучиќ.
Тој додаде дека Србија ќе се бори за влез на грчкиот пазар во различни области.
-Но, сакаме и да привлечеме што повеќе грчки компании овде. Затоа побарав од премиерот Мицотакис, иако знам дека се работи за пазарно работење, да побара од грчките финансиски институции, особено од грчките банки, повторно да покажат интерес за српскиот пазар, бидејќи Србија денес е поинаква, нагласи Вучиќ.
Инаку, во ноември минатата година тогашниот македонски премиер Димитар Ковачевски изјави дека Македонија е заинтересирана за купување на дел од солунското пристаниште. Тој ова го изјави како реакција на информациите објавени во грчките медиуми дека Грчкиот електропреносен систем оператор е заинтересиран за купување на македонската државна компанија МЕПСО.
-Лажни се тврдењата дека се планира продажба на дел од МЕПСО. МЕПСО е во 100-процентна државна сопственост. Владата нема водено никакви разговори за продавање на оваа компанија. Се работи за дезинформација. Доколку тие сакаат да купат дел во некоја наша компанија тогаш и ние сме заинтересирани за купување на солунското пристаниште, истакна Ковачевски.
Тој тогаш потсети дека Македонија има закупено капацитет во Гасниот терминал во Александрополис и дека земјава не е сопственик на дел од терминалот.