Ново пукање по кое има застрелано лице се случило синоќа во Арачиново, oпштина која е скоро поврзана со Скопје. МВР денеска соопшти дека синоќа околу 23.40 часот во СВР Скопје, од Градската општа болница „Св.Наум Охридски“ било пријавено дека околу 20.30 часот кај нив со прострелна рана од огнено оружје бил донесен Б.Р.(19) од село Арачиново.
-Според пријавеното, околу 20.00 часот во с.Арачиново, по претходна расправија, едно лице од огнено оружје пукало кон Б.Р. За настанот бил известен јавен обвинител и се преземаат мерки за негово расчистување, наведе МВР.
До пукањето доаѓа само шест дена откако на 28 август со истрел од пиштол беше повредено 24-годишно момче.
-На 28.08.2024 околу 21 часот во СВР Скопје е пријавено дека во с.Арачиново било пукано кон А.И. (24) од с.Арачиново, кој се здобил со повреди и е пренесен во комплекс клиники „Мајка Тереза“ за укажување помош. Се преземаат мерки за расчистување на случајот, се наведува во информацијата од МВР.
Засега не е познато дали овој случај е расчистен.
Инаку, пукање во Арачиново имаше и во април годинава кога истрели биле упатени кон градоначалникот на општината по што биле ранети две лица – неговиот возач и лице од обезбедувањето.