Марија Јаническа, дипломиран правник и досегашен стручен соработник за општи и заеднички работи во Оперативно-техничката агенција, е предлог за нов директор на државната Оперативна техничка агенција. Овој предлог е утврден едногласно на днешната седница на собраниската Комисија за избори и именувања.
Предлогот ќе биде испратен до Собранието кадешто треба да добие двотретинско мнозинство и Бадинтерова поддршка. На огласот беше објавен пред 30-тина дена се пријавија 21 кандидат, а пред околу еден месец заврши 5-годишниот мандат на директорот Зоран Ангеловски.
ОТА беше формирана како самостоен државен орган по скандалот со масовното прислушување и Извештајот на експертската група на Европската комисија предводена од Прибе. Со повеќе законски измени, УБК доби наследник во АНБ која задржа голем дел од надлежностите, додека опремата за прислушување премина во ОТА.