За два дена казнети 216 лица кои на плажа во Охрид биле без маска

Во периодот од 28 до 30 јули, по плажите на охридското крајбрежје, во полициските контроли констатирани се 216 лица кои не носеле заштитна маска.

Како што информираат од полицијата, ним им се издадени прекршочни платни налози за сторен прекршок за носење лична заштита на лицето заради спречување на ширење на заразната болест Ковид-19. По овој основ, во Охрид во текот на јуни и јули изречени се вкупно 672 барања за поведување прекршочна постапка.

Според статистичките податоци на МВР, во изминатото деноноќие, на подрачјето на СВР Охрид, полициските службеници констатирале 94 прекршоци за неносење лична заштита на лицето (Охрид – 53 Струга – 16, Кичево – 19, Дебар – 6). Воедно, полициските службеници самостојно, но и во координација со Државниот пазарен инспекторат, извршиле 12 контроли врз угостителски и други објекти.

Во текот на јуни и јули 2020 година, во областа на јавниот ред и мир, во Охрид регистрирани се 34 прекршоци (јуни – 24, јули – 10) во кои, против 32 сторители, се поднесени 28 соодветни пријави.

Во областа на сообраќајот, во текот на јуни и јули 2020 година, во Охрид, регистрирани се вкупно 66 сообраќајни незгоди (јуни – 30, јули – 36) во кои, 41 лице (јуни – 17, јули – 24), се здобиле со лесни телесни повреди а 15 со тешки телесни повреди (јуни – 7, јули – 8). Притоа, значајно е што во двата месеца, нема сообраќајни незгоди со жртви.

Претходна вестСтрујата ќе поскапе за 7,5 проценти
Следна вест„Д Фестивал“ на 22 август со македонски артисти, без камп и со безбедносни мерки