За една четвртина намален број на новозаразени од Ковид-19

Во периодот од 21 до 27 декември во Македонија имало за една четвртина помалку новозаразени лица отколку во седмицата пред неа, соопшти денеска Институт за јазвно здравје. Во редовната неделна анализа на состојбите со корона вирусот во земјава се наведува дека продолжува трендот на намалување на бројот на новодијагностицирани и починати од Ковид-19 и процентот на позитивни од тестирани.

-Регистрирани се 3.372 нови позитивни случаи од 35 градови во државата со намалување од 26,5 проценти во однос на минатата недела. Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје. Во тој период процентот на позитивни од тестирани случаи е 25,7 отсто, што е намалување од 3,6 проценти во однос на минатата недела, се наведува во инфорамцијата.

Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи. Најзастапена е возрасната група на лица на возраст над 60 години – 27,0 отсто, а голем број на заболени се регистрира и кај лицата во возрасните групи од 30-39 години 19,7 проценти, 40-49 години 17,5 отсто, 50-59 години 17,7 отсто и 20-29 години 12,3 отсто. Најмал број е регистриран кај децата од 0-9 години 1,5 процент и 10-19 години 4,3 отсто.

-Пријавени се 129 смртни случаи од 23 града, 30 помалку или 18,9 проценти во однос на минатата недела. Во однос на возраста, 105 лица биле над 60 години, 20 лица на возраст од 50-59 години и четири смртни случаи се пријавени од возрасната група 40-49 години, информира ИЈЗ.

Претходна вестПаркира кој каде посака, немаат возачка, не регистрираат возила…
Следна вестПочинати скоро 2.500 лица од вирусот во Македонија…