За околу 5.000 ученици е намален бројот на основци и средношколци во оваа учебна година во споредба со претходната, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика. На почетокот на учебната 2023/2024 година бројот на учениците во редовните основни училишта изнесува 182.124, што претставува намалување за 1,6 отсто во споредба со претходната учебна година. Тоа покажува дека бројот на основци за само една година се намалил за 2.975 ученици – од 185.099 колку што сме имале лани на годинашните 182.124.
Бројот на учениците во редовните средни училишта, на почетокот на учебната 2023/2024 година, пак, изнесува 67.278, што претставува намалување за 2,8 отсто во споредба со претходната учебна година. Бројот на средношколци е намален за 1.949 ученици, од 69.227, колку што биле лани, на 67.278 годинава.
На почетокот на учебната 2009/2010 година во земјава имало 210.381 основец и 95.343 средношколци.
Во однос на средното образование, може да се забележи дека бројот на училиштата е ист како лани, но бројот на паралелки е намален за 30, од 3.530 на 3.500.
Според податоците на ДЗС, во Македонија на почетокот на учебнава година има 955 основни училишта (едно помалку од лани) со 11.103 паралелки (13 помалку од лани) и 18.831 наставник (219 помалку од лани).
Постојат и две средни верски училишта со 13 паралелки, 135 ученици и 40 наставници, меѓу кои нема жени.