За едни општините мајки, за други маќеи: само две ги ослободија родителите од плаќање градинка

Со денови нема официјално објаснување зошто родителите во некои скопски општини мора да плаќаат иако нивните деца не одеа во градинка изминатите три месеци, додека во други општини се ослободени. На пример Ѓорче Петров и Гази Баба одлучија да не им создаваат дополнителен трошок на луѓето, форсирајќи ги во време на вонредната состојба кога голем дел остануваат без работа или имаат намалени плати – да треба да плаќаат уште и градинка. Градоначалниците на овие општини пресекоа дека ќе ги ослободат родителите.

Но, од друга страна останатите општини во Скопје сепак не ги поштедија. Некои од нив се одважија па им дадоа помалку чудно објаснување на медиумите дека го почитувале правилникот на Министерството за труд и социјална политика, и затоа родителите плаќале. И токму тоа зачудува: правилникот. Ако постои зарем треба да ги притиска родителите во време на економска и здравствена криза да ги плаќаат услугите на градинките што не ги користат? Не можеше ли да се измени? И зошто за двете општини што ги ослободија родителите тој не важи?

Најголем е револтот во Аеродром, особено затоа што важи за една од побогатите општини во Скопје, па родителите се гневни.

– Цел Аеродром се гради, тоа се пари вбризгани во буџетот, населбата живее со полна пареа, трговски центри, фирми, угостителски објекти… Сакате да ми кажете дека немавте пари за три месеци за градинките? Моравте преку нас да ги собирате?!- прашува И.К. жител на оваа населба.

Од градоначалникот Златко Марин, но и од другите градоначалници нема објаснување што ќе преземат.

Претходна вестУбиецот на 17-годишното момче во Ново Лисиче осуден на три години затвор
Следна вестКонкурсот за најдобар необјавен роман трае до понеделник