Големите предизборни трошоци можат попаметно да се искористат
Партиите трошат премногу пари за изборните кампањи. Всушност, нема потреба од кампањи бидејќи одамна секојдневно не бомбардираат со меѓусебни обвинувања. Народот ги познава политичарите, ни вели граѓанката Зора Петровска
Од понеделникот Македонија живее во знакот на изборната кампања за локални избори. Не дека порано не живееше, ама сега е официјално. Партиите, коалициите, независните групи граѓани ги определија своите кандидати за градоначалници и советници и сега тргнаа да ги убедуваат граѓаните да го дадат својот глас за нив. Реклами, спотови… на телевизии, радија, интернет портали, флаери, брошури, подароци… средби со граѓани, собири, карвани… сето она е што ќе го користат за таа цел. А сето тоа чини многу пари, оние кои се одвојуваат од државниот буџет, односно, од џебовите на граѓаните за партиските кампањи. Од 2018г. партиите се договорија нивните трошоци за предизборна пропаганда да ги покрива Државната изборна комисија со пари од државниот буџет. Партиите брзо се договорија да добиваат и повеќе пари од државниот буџет за тие изборни активности – од поранешните 1,8 милион евра сега им се распределуваат дури 4,5 милиони евра.
Очигледно, на партиите лесно им се отпуштаат сопирачките кога е во прашање трошењето на државните пари. Но, дали навистина е потребно трошењето на милиони евра во изборната кампања? Може ли тоа да се намали со оглед на тоа што партиите практично се активни сите овие години, а буџетските средства да се заштедат за друга намена?
– Партиите трошат премногу пари за изборните кампањи. Тие кампањи можат да бидат многу поевтини. Всушност, нема потреба од кампањи бидејќи одамна секојдневно не бомбардираат со меѓусебни обвинувања. Народот ги познава политичарите. А што се однесува до дел од парите со кои може да помогнат на луѓето тие си прават замоци по излетничките места, ни вели граѓанката Зора Петровска.
Уште покатегоричен е граѓанинот Сашко Николовски кој смета дека ваквите трошоци не се оправдани.
-Не се потребни никакви трошоци за изборните кампањи, кусо ни одговори тој.
Но, дали ова ќе биде прифатено од страна на политичките партии во текот на кампањата која ќе заврши на 15 октомври на полноќ, останува да се види. Сепак треба да се потсети дека можат да се направат многу работи со парите од кампањите– нови градинки, школи, игралишта, амбуланти… Истите оние кои сега ќе се ветуваат од страна на партиските карвани и кои, на крајот по четири години, малку каде ќе бидат направени согласно на изборните ветувања…
Уште од првиот ден се тргна трошаџиски
Од однесувањето на политичките партии, од она што почнаа да го објавуваат како реклами и спотови, се гледа дека тие немаат намера да штедат на овие избори.
– За вистинска демократија потребно е граѓаните да имаат еднакви можности за увид во програмите и кандидатите на сите партии и независни кандидати. Кампањите треба да бидат поевтини. Тие треба да се скромни и доволни за претставување на сите изборни програми и кандидати подеднакво, смета граѓанката Галина Димитрова.
Дајте спотови за убавините на Македонија, а не за политичари
Телевизиите уште од првиот ден на кампањата се преполни со политички реклами, спотови…. Да се објават сите тие материјали е скапо, а скапо е и да се направат. Мораше ли толку да се троши и тоа за партиски намени во време на криза?
– Ако веќе се дадени парите за пропаганда барем да беа за пропагирање на убавини од Македонија. Да се покажат на ТВ и успешни луѓе кои нешто направиле со сопствен труд и знаење. Тоа и треба на земјава, тоа ќе го крева духот на населението, а не едни исти фаци да глумат во политички филмови за да добијат гласови. Парите мора да се трошат корисно за заедницата, а не за некои поединци, децидна е скопјанката Лилјана.