Техниката оди силно напред, светот го освојува и космосот. Дури и нам соседни земји испратија сателити во земјината орбита.
И Македонија (читај – властите) се труди на ова поле. Денеска се изврши прв меѓународен лет на релација од Скопје до Виена, Австрија со хеликоптер на МВР наменет за медицински цели и таму е префрлен еден пациент. На ова големо достигнување како што објавува МВР присуствувал и дополнителниот заменик министер за внатрешни работи Митко Бојмацалиев заедно со директорот на Бирото за јавна безбедност, Сашо Тасевски и директорот на Градската Општа болница „8-ми Септември” д-р. Христијан Костов.
Според соопштението, Бојмацалиев изјавил дека се работи за историски прв меѓународен лет за медицински транспорт со хеликоптер на МВР.
-Оваа наша хумана мисија не само што ја демонстрира кооперативноста на двете Министерства за внатрешни работи и Министерството за здравство кон подобрување на услугите за граѓаните, туку и го потенцира значењето на интеграцијата на модерните технологии и ресурси во спасувачките и медицинските операции, истакна Бојамацалиев.
Притоа, тој појасни дека употребата на Медикоптерот претставува значаен напредок во националната способност да се пружи итна медицинска помош на тешко достапни места, но и на пациенти на кои им е потребен итен транспорт до други здравствени установи.
Браво за медицинската и транспортна борба за пациентот.
А од друга страна, Македонија денес имаше историски момент и зема приклучок во освојување на безграничниот воздушен простор. Зошто ова со хеликоптерот не го направија порано, и не само оваа власт туку и претходните, не беше кажано.