Денеска нема да се одржи најавената средба на работните групи со ВМРО-ДПМНЕ за продолжување на разговорите за евентуално коалицирање во идната влада, информираа за МИА од Коалицијата „Вреди”. Причина за паузата е тоа што работните групи, кои треба да учествуваат во преговорите не се целосно екипирани. Како што посочуваат од „Вреди”, допрва сите политички партии од Коалицијата треба да одредат по еден претставник, кои ќе бидат дел од работните групи кои ќе преговараат со ВМРО-ДПМНЕ.
-Да, денеска нема да се одржи средба на работните групи. Во моментот се чека да се одредат по еден претставник од сите политички партии од Коалицијата и од ВМРО-ДПМНЕ и потоа да се разговара за усогласување на програмите. Секако дека во наредните денови се очекува работните групи за преговарање да се состанат, велат од “Вреди” за МИА.
Соработката, како што информираше ВМРО-ДПМНЕ по средбата што се одржа завчера во штабот на Вреди ќе се базира на три постулати – евроинтеграции, забрзан економски развој, борба против криминалот и корупцијата и владеење на правото.
– Заклучено е дека двете страни ќе формираат работни групи, на кое ниво ќе продолжат разговорите до нивно финализирање, нагласи ВМРО-ДПМНЕ.
Еден од лидерите на „Вреди“, Изет Меџити, во емисијата „Трилинг“ изјави дека ќе бара од ВМРО-ДПМНЕ да не бидат флексибилни кон нив. Меџити е дециден дека Албанците веќе не бараат само симболика, туку сакаат власта да ја реализира програмата.
-Една работа, да не биде флексибилен кон раководството на „Вреди“ како што беше СДСМ кон ДУИ. Имаше перцепција дека ДУИ владее со државата. Албанците веќе не бараат само симболика. Албанците сакаат власта да ја реализира програмата, да биде во функција на граѓаните. Деновиве ќе почнеме преговори за принципите на идната влада, а во втор план се ресорите, министерски, директорски, објасни тој.