За студентски оброк до 5 септември ќе може да аплицираат и бруцоши

Министерството за образование и наука позитивно одговорило на две од трите барања кои Универзитетското студентско собрание (УСС) на Скопскиот универзитет му ги достави пред два дена. Министерката Весна Јаневска денеска изјави дека нив ги решиле „експресно, во рок од еден ден“, а за третото е потребно извесно време.

На барањето на УСС на УКИМ да се продолжи рокот за аплицирање за студентски оброк и по 5 септември, за да може да аплицираат и студентите бруцоши односно да не мора да конкурираат за ова право еден месец подоцна, Јаневска рече дека и студентите кои годинава се запишуваат во прва година, исто така, ќе може да аплицираат до рокот утврден со повикот, 5 септември.

-Јас ги повикувам сите бруцоши кои се надеваат дека ќе стекнат статус на студенти, да го искористат овој повик и да си аплицираат. Мечирањето ние ќе го направиме на 20 септември и сите што ќе имаат статус на редовен студент, ќе си добијат студентски оброк, рече Јаневска по посетата на ОУ „Љубен Лапе“ во Аеродром.

Исполнето е и барањето на студентите за оние што завршиле три години додипломски студии да имаат право да аплицираат за стипендии за втор циклус студии.

-Ние тоа веднаш го решаваме и на тој начин ја укинуваме дискриминацијата која тие ја имале во однос на другите студенти, рече Јаневска.

За барањето на УСС на УКИМ да се усвои Законот за младински стандард т.е. да се поднесе предлог иницијатива за усвојување на веќе планираниот закон, министерката одговори дека на тоа ќе треба да причекаат извесен период.

-Затоа што треба да го погледнеме и ние, да го усогласиме со нив и се надевам дека во најскоро време и тоа ќе го завршиме, додаде министерката.

Претходна вестМицкоски: Сите што од голтари станаа милионери имаат интерес да ја дестабилизираат државава
Следна вест„Улици и патишта“ времено ја санираа оградата на мостот што ја уништи автомобилот кој падна во Вардар