За заразените од Корона по 6. јули – нема гласање на изборите!

Посебни здравствени протоколи, начин на гласање, изборната кампања…
сето ова ќе бидат новини кои ќе ги одбележат претстојните парламентарни
избори во земјава закажани за 15 јули. По одложувањето на претходно
закажаните избори на 12 април и по големи партиски пазарења околу новиот
термин, се постигна договор, кој деновиве почна да се реализира.
Државната изборна комисија вчера усвои ревидиран Роковник со кој се
предвидува изборниот молк да започне на 12 јули на полноќ а на 13 јули
да гласаат лицата со Ковид-19, во изолација и самоизолација за што ќе
бидат формирани посебни избирачки одбори составени од здравствени
работници и претставници на партиите. На 14 јули ќе се изјаснуваат
другите болни и затворениците кои ќе се пријават за гласање.
Полнолетните граѓани на денот на изборите ќе можат да се изјаснат од
7:00 часот до 21:00 часот вечерта. Лицата кои ќе се заразат од
коронавирусот или ќе мора да одат во самоизолација на седум дена пред
гласањето нема да можат да го исполнат своето граѓанско право. Сите
заразени и самоизолирани ќе мора да се пријават доколку сакаат да
гласаат на предвремените парламентарни избори, но не подоцна од 6. јули.
-Ќе се направи се за заштита на граѓаните и членовите на изборните
органи од ширење на коронавирусот за што веќе сме разговарале со
здравствените власти со кои ќе изработат посебни протоколи за заштита на
гласачките места, информираа од Државната изборна комисија.
Промени заради се покритичната сосотојба со ширењето на корона вирусот
во земјава ќе има и во однос на водењето на изборната кампања. Односно,
таа извесно нема да биде традиционална како во досегашните прилики – со
митинзи, одење од врата до врата и други собири на граѓани – туку ќе се
пресели на традиционални и на социјални медиуми.
Од владеачката партија веќе соопштија дека нема да организираат
предизборни митинзи туку кампањата ќе ја водат преку Фејсбук и други
социјални мрежи, а промоција на кандидатите за пратеници ќе има и преку
медиумите. Ваква стратегија, за настапи преку социјални медиуми, се
подготвува и во најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ се со цел да
не се загрози здравјето на граѓаните.
Инаку, за априлските избори се пријавија вкупно 15 политички субјекти,
од кои четири коалиции. Станува збор за 84 листи со вкупно 1.578 имиња
на кандидатските листи. Од парламентарните партии листи доставија –
коалициите на СДСМ („Можеме”) и на ВМРО-ДПМНЕ („Обнова”), како и ДУИ,
ДПА, и коалицијата Алијанса за Албанците – Беса („Држава за сите”). На
изборите ќе учествуваат и Твоја партија, Левица, Граѓанската платформа
„Македонски концепт” која ќе настапува на изборите преку
Социјалдемократската унија (СДУ). Листи доставила и партијата Интегра,
како и ГДУ, Народна партија на Ромите и Демократи, МОРО-Работничка
партија и Глас за Македонија. Во изборна трка влегува и коалицијата
„Никогаш Северна, само Македонија”.

Претходна вестКазни за 633 граѓани заради неносење заштитни маски
Следна вестТројца приведени заради марихуаната, 20-годишник шетал со нож на „Пластичарска“