Со пригодни поздрави и врачување на признанија и подароци во охридската црква „Света Софија“ денеска се одржа заедничката литургија на достоинствениците на МПЦ-ОА и на СПЦ по повод годишнината од доделувањето на Томосот за автокефалност на македонската православна црква. Со литургијата ја началствуваа архиепископ охридски и македонски г.г. Стефан и патријархот Пахомиј.
Поглаварот на МПЦ-ОА на почетокот на обраќањето упати поздрави зборови до српските црковни достоинстевници. То потсети дека на 9 мај, МПЦ-ОА од страна на вселенскиот патријарх Вартоломеј беше примена во литургиско единство.
-И откако во Белград и во Скопје сослужувавме со Неговата светост патријархот српски Порфириј, конечно, на денешен ден лани ни беше врачен Томос со кој ни се признава автокефален статус. Вие, Ваша светост, сте најзаслужниот за сето ова што се случи, па затоа, на овој ден и на ова место, ви благодариме во името на македонскиот народ. Ова е историја и голем празник кој ќе трае долго време. Покажавме дека нашиот однос со Бога е толку длабок и дека ништо не може да го наруши. Минатото лето силно веруваме дека се удостоивме да се прославиме според зборовите на Апостолот. Сега откако сме препознаени како членови на едната апостолска црква, пред нас е уште една поголема обврска и должност, порача г.г. Стефан.
Тој потоа на српскиот патријарх му го врачи Орден на Свети Кимент Охридски од прв ред.
– Се доделува орден за покажаната љубов кон МПЦ-ОА и кон македонскиот народ просведочена поради доделувањето Томос за автокефалност на МПЦ-ОА. Достоен! Достоен! Достоен! Ваша светост, ова е наш скромен подарок за Вас, рече архиепископот Стефан.
Српскиот патријарх, пак, се заблагодари за можноста да служи во „Света Софија“.
-Денеска дознав дека српскиот патријарх последен пат служел во храмот Света Софија во Охрид пред точно 100 години. Да не се случи веќе толку време да чекаме. Нашите врати се секогаш отворени за вас, а верувам и вашите за нас. Да сослужуваме насекаде во светот, онаму каде што има наш православен народ. Ви благодарам на можноста да служам денеска во овој храм. Македонскиот народ нека биде благословен, рече патријархот.
Тој потсети дека денеска е роденден на црквата, но исто така се одбележува една година од ланското доделување Томос за автокефалност од СПЦ за МПЦ-ОА.
–Денеска е роденден на православната црква. А не постојат повеќе цркви, туку постои само една апостолска православна црква, со Исус Христос на чело. Во секоја црква во којашто се служи литургија, присутен е Христос и затоа црквата е над сите поделби и граници. Тоа не значи дека не постојат поединечни дарби и таленти, секој народ си има свој печат, но тој печат треба да се доживее како дар од Бога, рече патријархот Порфириј.
По завршувањето на говорот, тој на македонскиот поглавар г.г. Стефан му подари златен жезол.
– Знам дека веќе имате жезол, но јас би сакал да ви подарам уште еден, му рече патријархот на архиепископот.