Да не постоеше Гоце Делчев, ќе требаше да го измислиме за да биде мост на пријателството меѓу двете земји, истакна премиерот Зоран Заев одговарајќи на новинарски прашања за разговорите со Бугарија.
Премиерот е оптимист дека македонско-бугарската Мешовита комисија за историски прашања ќе успее да најде решенија и оцени дека вчерашниот состанок поминал позитивно. Тој вели дека сме мал регион и меѓусебно сме историски поврзани, па неопходно е да бидеме паметни за заедничката историја од минатото да нè прави поголеми пријатели, а не да нè разделува.
Премиерот порача дека целиот македонски народ е позитивен кон бугарскиот народ и обратно, па оттука верува дека бугарскиот премиер Бојко Борисов сака да продолжи да помага на процесите на интеграцијата на Западен Балкан.
-Верувам дека постои период на позитивни информации, јас сум непоправлив оптимист и гледам успеси како можност, рече Заев.
Запрашан дали државата има план „Б“ ко во декември не почнат преговорите за членство со ЕУ, Заев одговори: „Во моето скромно политичко искуство како претседател на Владата не разработувавме никогаш план Б бидејќи тогаш би значело дека се откажуваме од планот А. Не сакам да разговарам за план Б, мора да успееме“.