Заев до австрискиот амбасадор: Ако го спомнете моето име уште еднаш ќе ве тужам

Најава дека ќе покрене судска постапка против австриска амбасада и амбасадорот Георг Вуцас доколку уште еднаш го спомнат неговото име, упати вчера поранешниот македонски премиер Зоран Заев. До реакцијата доаѓа откако преку допис, Амбасадата на Австрија, споменувајќи го името на Зоран Заев, го искритикува македонскиот правосуден систем, барајќи да се разрешат сите судии и јавни обвинители, но и да им се укинат лиценците на извршителите и нотарите кои постапувале во спор што се води меѓу австриска и валандовската фирма за производство на корнишони.

-Целосно се оградувам од било каква моја инволвираност во споменатиот деловен спор што се води во судовите. Колку што гледам и читам од соопштението на амбасадорот, овој судски деловен процес е јавен и транспарентен како и сите други судски процеси. Законите важат еднакво за сите и убеден сум дека судот ќе донесе законита одлука како и впрочем се очекува без разлика за кој граѓанин или правен субјект се однесува. Јас можам само да апелирам судот и правосудните органи, како и било која друга институција да си носат исклучиво законски одлуки и да не дозволат никој да им влијае на работењето и одлучувањето. Ако амбасадорот и амбасадата го споменат уште еднаш моето име во ваква негативна конотација нема да можам ништо друго да превземам освен што ќе морам да ги тужам за нанесена штета врз честа и угледот, наведе Заев во реакцијата.

Тој додава дека се смета за пријател на Австрија и за време на неговата одговорност како премиер воспоставил одлични пријателски релации и соработка со Австрија.

-Така што нема да дозволам првиот претставник на Австрија во Северна Македонија со ваква леснотија и без било какви докази и аргументи да го валка моето име. Следното споменување на моето име на ваков начин ќе значи дека ќе треба да се видиме на суд со амбасадорот на Австрија за да покаже и докаже било каква моја инволвираност, во спротивно ќе барам јавно извинување, надомест на штета за нарушени чест и углед и  лично ке го известам австриското МНР и Владата на Австрија за ваквиот однос на амбасадорот на Австрија, стои во реакцијата на Заев.

Претходна вестЃорче Петров со дело покажа дека македонскиот народ само преку борба може да  дојде до слобода  
Следна вестИсламските верници го слават Курбан Бајрам, празник на жртвата