Двојно помалку советници сега има премиерот Зоран Заев во споредба со претходниот премиерски кабинет. Од објавениот список на советници на веб-страницата на Владата се гледа дека сега Заев прима совети од 23 советници додека претходно на таа листа имаше над 50 лица.
Заедно со имињата на советниците објавени се и нивните примања. Највисоки примања од нив, 74 618 денари, има Зоран Верушевски кој останува на позицијата советник за национална безбедност. Двајца советници, Виктор Андонов за енергетика и Милан Живковиќ за труд и социјална политика, земаат по 60 546 денари. Останатите 20, се со нето примања од 55 268 денари – Дане Талески за надворешна политика, Љубе Бошкоски за странски инвестиции, Зоран Бојаровски за медиумски реформи, Иванна Хаџиевска Кошевалиски за меѓународни односи и соработка со меѓународни и домашни организации, Тања Чачарова Илиевска за правда, Љупка Цветкова за администрација, Сандра Поповска за општествени дејности и јавни политики, Фидан Колев за транспорт и врски, Ѓорѓи Тасев за млади и спорт, Илија Жупаноски за дигитлни комуникации, Весна Коваческа Трпчевска за информативни активности, Христијан Ѓоргиевски за односи со Собранието и законодавство, Светлана Сиљаноска за организација на настани, Теодор Богоевски за лица со попреченост, Вјоса Исмаили за организација на прес-активности, Леон Бакрачевски за промоција на евроатлантските интеграции, Марија Мустрик за комуникација на економски политики, Марија Теговска за комуникација на реформските процеси, Елвис Мемети за инклузија на Роми, Сања Божовиќ Стојкоска за истражување, анализи, транспарентност и отчетност.
Меѓу надворешните соработници најплатена со 50.000 денари е Нина Фити-Неделковска, ќерка на професорот и академик Таки Фити, а тука се и Раде Јанковски за спречување на корупција во граничното работење (35.000 денари месечно), Магбуле Амети за здравство (40.000) и Татјана Стојаноска Иванова за образование и наука (45.000 месечно).
Договорите им истекуваат заклучно со 31 декември годинава но можно е и продолжување на договорите.