Шефот на државата Стево Пендаровски денеска му го врачи мандатот за формирање на нова влада на лидерот на СДСМ Зоран Заев. Заев најави дека во рок од 20 дена ќе успее да формира нов кабинет.
Пендаровски претходно ги наведе уставните и други основи врз основа на кои го дава мандатот на Заев во услови кога доскорешниот претседател на Собранието Талат Џафери изјавуваше дека тоа ќе биде кршење на уставот со оглед на тоа дека парламентот се уште не е конституиран.
По добивањето на мандатот Заев потврди дека се уште се водат преговори со останати партии околу создавање на парламентарното мнозинство. Тој потенцира дека цел му е да формира стабилна влада со четиригодишен мандат, која ќе се грижи за сите граѓани, ослободена од секакви етнички предрасуди и национализам. Лидерот на СДСМ рече дека преговорите со ДУИ продолжуваат и дека денеска ќе има нова средба со лидерот на партијата Али Ахмети.
–Имаме успех во многу аспекти со Ахмети, но имаме и прашања кои сè уште не ни се отворени, а кои се прилично сериозни прашања. За деталите околу прашањата не би разговарал. Опциите постојат, а на крајот на денот, нашата земја треба да има влада час поскоро. Верувам дека денес, утре, задутре ќе направиме исчекор ако се водиме од тоа што нас граѓаните ни кажале. И ДУИ треба да бидат флексибилна оти најмногу мандати на изборите освои коалицијата „Можеме“. Јас верувам дека постојат опции, но црвените линии мораат да бидат интересите на граѓаните, кажа Заев.
Тој додаде дека приоритет за новата влада ќе бидат преговорите со ЕУ, прочистувањето на правосудството и на проверката за потеклото на парите кај секој функционер.