Чудна е нужноста на еден премиер да види на лице место дали се ставаат плочки на 200 метри кеј во Скопје. Дали сака да покаже дека стои зад повторна кандидатура на Шилегов за прв човек на градот или и тој да си билда рејтинг? Нема Заев друга поважна работа, нема Македонија поголеми проблеми за решавање?
Се ближат локалните избори, се растрчаа градоначалниците. Тоа не е чудно, ама во Скопје се растрча и премиерот Заев. Прво имаше заедничко присуство со градоначалникот Шилегов на почеток на реконструкцијата на кејот „13 ноември“ а потоа и на промовирањето на проектот за реконструкција на Универзална сала. Каде следно ќе ги видиме заедно?
Меѓутоа, тоа „заедништво“ делуваше како изнудено бидејќи само пред две недели кога лидерот за првпат спомена десет актуелни градоначалници од кои е „исклучително задоволен“, меѓу нив го немаше ниту Шилегов, ниту било кој друг од скопските општински градоначалници. Нешто во меѓувреме, очигледно, се сменило.
-На Шилегов не му оди работата, Заев треба да го поттурнува. Но проблемот е што и на Заев не му оди работата на републичко ниво, па може ќе се префрли на градско, со насмевка ни коментира скопјанец.
Инаку, паметиме, Заев го немаше, на пример, кога во 2019 година почна реконструкција на градскиот плоштад кај ГТЦ. Но тогаш изборите беа далеку. Дали сега смета дека неговото присуство е потребно бидејќи рејтингот на Шилегов не е на доволно ниво или е нешто друго, останува да се види.
– Се гледа дека премиерот сака да ми помогне на Шилегов во кандидатурата, а тоа се прави сигурно и од причина што смета дека му е потребна помош од партискиот лидер. Но, тоа во јавноста како да создава впечаток дека тој се трка за скопски градоначалник, смета граѓанинот Ивица Петровски.
Колку ваквата поддршка ќе биде добредојдена за Шилегов во очите на скопјаните кои ќе гласаат на изборите останува да се види: дали ќе му помогне или, пак, ќе му одмогне? Сепак, не може да се избега од фактот дека лидерот на СДСМ пред две недели на сите скопски градоначалници од редовите на неговата партија им прати порака дека „не е исклучително задоволен од нивната работа“. Инаку, како што ги спомена десетина градоначалници, меѓу кои и оној на Штип избран пред само два месеца, така ќе споменеше и некој од меторполата.
-Не ни треба шминкање на градот пред избори како и секогаш. Затвореност на градот поради корона кризата требаше да се искористи за средување и уредување на инфраструктурата. Да додаваа вредност во општеството немаше да треба да се филмаат, смета Матеј Јарчев.
Ќе има ли поддршка и за општинските граодначалници?
Сега останува дилема кои други општински градоначалници ќе ја добијат ваква поддршка од лидерот на СДСМ. Голем дел од нив веќе најавија дека имаат амбиции да се борат за уште еден градоначалнички мандат. Но, дали така мисли и партискиот лидер ќе се види во наредниот период кога ќе треба да се донесе конечна одлука.