Да престанеме да се биеме в гради за тоа кој е поголем патриот заради партиските интереси и заради повеќе гласови на изборите, порача премиерот, Зоран Заев, во говорот за одбележување на 2 Август – Денот на Републиката од Пелинце.
-Нема мерка која може да ја измери големата идеја за сопствена држава во која се вградени копнежот и жртвите на стотици и илјадници македонски дејци и остварувањето на тој копнеж, рече Заев, говорејќи за значењето на двата Илиндена.
Според него, континуитетот на дефинирањето на македонската држава продолжи да се гради на вредностите и принципите утврдени на Илинден 1903-та и на АСНОМ 1944-тата.
-Третиот Илинден е нашиот континуитет во афирмацијата на вредностите на кои е изградена нашата држава и кои светот ги прифати како наша специфика и идентитет според кој Северна Македонија денеска се препознава во светот. Третиот Илинден не познава крај. Третиот Илинден е бесконечноста на нашиот стремеж кон нашата иднина. Затоа нашиот Илинден не е завршен и нема да заврши. Ние го живееме нашиот Илинден, рече Заев.
Премиерот рече дека на нашата и на идните генерации останува да го одржуваме и да го шириме пламенот на Илинден, дека Илинден не е врзан за ниту една идеологија и ги надминува границите на било кој временски период.
-Илинден е постојан процес кодиран во духот на Македонците, на Албанците, Ромите, Србите, Турците, Власите, Бошњаците, и на сите народи кои живеат, творат и се борат за подобро утре во нашата татковина. Во нашиот дом, рече Заев во говорот во Пелинце.