Заев од Пелинце: Партиските интереси не не прават патриоти

Да престанеме да се биеме в гради за тоа кој е поголем патриот заради партиските интереси и заради повеќе гласови на изборите, порача премиерот, Зоран Заев, во говорот за одбележување на 2 Август – Денот на Републиката од Пелинце.

-Нема мерка која може да ја измери големата идеја за сопствена држава во која се вградени копнежот и жртвите на стотици и илјадници македонски дејци и остварувањето на тој копнеж, рече Заев, говорејќи за значењето на двата Илиндена.

Според него, континуитетот на дефинирањето на македонската држава продолжи да се гради на вредностите и принципите утврдени на Илинден 1903-та и на АСНОМ 1944-тата.

-Третиот Илинден е нашиот континуитет во афирмацијата на вредностите на кои е изградена нашата држава и кои светот ги прифати како наша специфика и идентитет според кој Северна Македонија денеска се препознава во светот. Третиот Илинден не познава крај. Третиот Илинден е бесконечноста на нашиот стремеж кон нашата иднина. Затоа нашиот Илинден не е завршен и нема да заврши. Ние го живееме нашиот Илинден, рече Заев.

Премиерот рече дека на нашата и на идните генерации останува да го одржуваме и да го шириме пламенот на Илинден, дека Илинден не е врзан за ниту една идеологија и ги надминува границите на било кој временски период.

-Илинден е постојан процес кодиран во духот на Македонците, на Албанците, Ромите, Србите, Турците, Власите, Бошњаците, и на сите народи кои живеат, творат и се борат за подобро утре во нашата татковина. Во нашиот дом, рече Заев во говорот во Пелинце.

Претходна вестЈутјуб ја суспендира Скај њуз ТВ Австралија поради авторска колумна против рестрикциите
Следна вестМицкоски од Ташмаруништа: Срамно е што за прв пат во 30 години независност власта ја промени прославата за Илинден