Заев: Пописот ќе се спроведе во април 2021 и точка!

Пописот на населението ќе се спроведе во април 2021 година, најави денеска премиерот Зоран Заев. Тој додаде дека нема да има ново одложување.

– Пописот ќе се спроведе 2021 година. И точка. Го одложивме во 2020 година за 2021 по барање на опозицијата уште пред да се појави Ковид-19. Ние како држава спроведовме покомплексни, покомплицирани теренски активности, како што се изборите, пописот можеме да го спроведеме во април. Тој се работи според стандардите и раководството на Евростат. Него го спроведуваат институциите. Кај нас тоа е Државниот завод за статистика, потенцира премиерот Заев.

Тој нагласи дека пописот е предвиден во буџетот, што треба да значи и доекипирање.

– Заводот за статистика своите стари компјутери ги подари на образованието. Тие беа употребливи, со целосна функционалност, поради тоа се прави набавка на нови уреди, кои треба да бидат составен дел од спроведувањето на пописот и целокупната дигитализација на податоците, кои им се многу важни на сите институции, истакна Заев.

Државниот завод за статистика набавува 5650 лаптоп компјутери за претстојниот попис во април 2021 година.

Доколку биде спроведен, ова ќе биде прв попис што се прави по последниот извршен во 2002 година. Во земјава се уште се користат податоци од овој попис иако експертите укажуваат дека тие податоци се веќе застарени. Обид за попис имаше во 2011 година, но тоа процес беше прекинат.

Претходна вестФилипче: Проектираме нова градска болница во Аеродром
Следна вестБутелчани се уморни од чекање: Со протест ќе ја бараат ветената поликлиника