„Да го кренеме гласот за здравјето на нашите фамилии, за нашите деца“ е мотото на најавениот протест на жителите од општина Бутел кој што ќе се одржи утре во 11 часот на главната крстосница на улицата „Бутелска“. Причината за протестот, чија најава се споделува на социјалните мрежи, е незадоволството на граѓаните од неисполнувањето на предизборното ветување на градоначалникот Велимир Смилевски за правење на нова поликлиника.
-Бутел заслужува еднакви услови како и сите други општини на територија на град Скопје. Од градоначалникот на општината не добивме одговор кога и каде ќе почне градбата на ветената поликлиника туку само игнорантски и понижувачки однос. Тој не смогна сили да ја спомене ниту да каже нешто за ветенета поликлиника која патем самиот ја ветуваше измативе години, наведуваат од Иницијативниот одбор „За добро на општина Бутел“.
Инаку, актуелниот грдоначалник во својата изборна програма наведуваше изградба на оваа здравствена установа.
-Изградбата на поликлиниката е од витално значење на граѓаните од општината. Со самата изградба на објектот граѓаните ќе заштедат на време и ресурси, а здравствените услуги ќе бидат подостапни за нив, се вели во предизборната програма на Смилевски.
На 28.01.2020 година, Владата на седница донесе одлука за итна изградба на поликлиника во општина Бутел со оглед на тоа што во планираната фискална 2020 година за оваа намена се предвидени средства во државниот буџет. Владата донела заклучок да ѝ препорача на Општина Бутел да го донесе деталниот урбанистички план за изградба на поликлиниката.
Но, оттогаш до сега не се знае до каде е градбата на поликлиниката.
Бутел не е единствена скопска општина чии што жители имаат потреба за нова поликлиника. За жал, нема на повидок ниту една градба на некоја нова поликлиника, иако и други општински градоначалници го ветуваа тоа во своите изборни програми. Во програмата на градоначалникот на Гази Баба е напишано дека постојната амбуланта на улица „Бапчор“ е стара и руинирана и изградбата на поликлиниката во Автокоманда е стратешки проект. Првиот човек на Кисела Вода, пак, гарантираше нова поликлиника во населба „Расадник“ чиј што ДУП никако да се донесе на задоволството на граѓаните… Од сето тоа, што требаше да се прави во соработка со Министерство за здравство, се уште ништо.