Со легализацијата и декриминализација на канабисот се отвора можност, секој граѓанин, за своја лична употреба да може да огледува одредена количина на канабис, изјави денеска премиерот Зоран Заев како одговор на пратеничкото прашање околу легализацијата на марихуаната.
-Нашиот став во однос на ова прашање е јасен. Ова нема да биде привилегија само на богатите да инвестираат или слично. Целта е да се овозможи на секој граѓанин, на пример, од две до три стебла под контрола на агенцијата која што е предвидена во самиот закон, за сопствена потреба да може да ги користи. Или, пак, да може да ги делегира на компанија да ги одгледува за него како што и сега се бележи секое стебленце со посебен број со посебна контрола или слично, објасни премиерот Заев.
Според него, со легализација на канабисот истовремено се отвораат нови економски потенцијали. Истовремено, искуствата покажале дека во сите земји каде што употребата на канабис е легализирана, за 30 до 50 отсто е опаднато користењето на хероин, на кокаин и на сите други тешки супстанци и дроги.
-Легализацијата на марихуаната во државата која што треба да има конечна цел за развој на угостителството и туризмот на сите наши услужни дејности. Тие дефинитивно многу малку партиципираат во севкупниот БДП на државата односно околу 4 проценти. Во Холандија во БДП, услужните дејности учествуваат повеќе од 60 отсто, во другите земји насекаде е 25, 45, 35 отсто. Ние немаме море, немаме пристаништа, немаме извори на нафта да го развиваме нашиот економски сектор и ова е добар потенцијал што државата може да го искористи за развој на економијата за отворање на нови работни места за развој на туризмот, рече тој.