Бугарија стави вето, го прекрши Договорот за добрососедство, и застана на патот на нашата европска интеграција. Бугарија не собра сили да се однесува европски. Тие направија гест кој не покажува ниту пријателство, ниту братство. Нивниот став е навредлив за целиот наш народ, изјави денеска премиерот Зоран Заев во обраќањето до македонскиот народ и до сите граѓани во Македонија. Обраќањето доаѓа по вчерашното вето од страна на Бугарија заради кое Македонија нема да може да ги почне пристапните преговори за членство во Европската унија.
-Ставот на Бугарија е целосно ирационален и навредлив за Македонците и за целиот наш народ. Во 21 век, не е европски, ниту демократски, да му кажете на друг како да се чувствува, како да се самоопределува. Не е европски да му ја пишувате историјата на друг народ. Да му наметнувате идентитет на друг народ и да го убедувате дека треба да го прифати. За Северна Македонија, за македонскиот народ и за сите граѓани на нашата земја не се прифатливи овие услови. Затоа ние застанавме цврсто во одбрана на македонските национални интереси. Не дозволивме да се чепка во достоинството на македонскиот идентитет и во столбовите на идентитетот, а тоа се македонскиот народ и македонскиот јазик, потенцира Заев во обраќањето.
Тој додаде дека нема да се дозволи да биде загрозен антифашистичкиот идентитет на нашата земја.
-Преговори со ЕУ да, но не по цена на ревизија на македонскиот идентитет. Не под условите кои сега ги наметнува Бугарија. Ние велиме – ДА за Европа и велиме НЕ – за уцени врз македонскиот народ! И НЕ за уцени врз нашите сограѓани Албанци, Турци, Роми, Срби, Бошњаци, Власи и сите други, нагласи премиерот.
Тој побара Европската унија да ја исполни својата фундаментална обврска и да ги препознава и чува како непроценливо богатство историските и идентитетски различности на нациите на Европскиот континент.
-Македонскиот идентитет и јазик не смеат да бидат исклучок од овој принцип. Бараме на ист начин како што ние се грижиме, го развиваме и скапоцено го чуваме европскиот идентитет дома, така и ЕУ да го почитува, да се грижи и да го чува нашиот македонски идентитет, како скапоценост на својата различност, рече Заев.
Во однос на активностите на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Заев рече дека сега се покажало дека се лаги и клевети нивните тврдења дека наводно се распродавал македонскиот идентитет.
-Тоа е сонот и желбата на лидерството на ДПМНЕ. А реалноста е дека македонскиот народ го надминува овој момент со крената глава наспроти срамните лаги коишто се опасност за стратешките интереси на земјата. Дури и Европа ги препозна и ги прозва нивните лаги. А, македонскиот народ е далеку повисоко од хистеријата и од срамните лаги на Христијан Мицкоски. Еве сме. Тука сме. Македонци кои зборуваат македонски јазик. Свои на своето. Отсекогаш, засекогаш. Станавме земја-членка на НАТО како Македонци кои зборуваат македонски јазик. Ќе станеме членка и на ЕУ како Македонци кои зборуваат македонски јазик, рече Заев