Премиерот Зоран Заев вечерва во 18 часот во Владата на заедничка средба ќе ги информира партиите од владината коалиција за договорот за влегување на Алтернатива во Владата.
Изјави не се предвидени, а по средбата ќе има соопштение.
Парламентарно мнозинство од 64 пратеници и нов состав на Владата во која Алтернатива ќе има тројца министри и тројца заменици-министри, објавија вчера лидерот на Алтернатива Африм Гаши и премиерот Зоран Заев кои вчера потпишаа и програма за заедничко дејствување и приклучување во Владата.
Во меѓувреме, на 12 декември СДСМ ќе избира наследник на Заев, кој ќе ја напушти и премиерката функција.
За составот на новата Влада ќе одлучува новиот мандатар и тоа ќе биде по неколку недели.
За кадровските решенија ќе решава Централното претседателство на Алтернатива откако ќе поминат внатрепартиските консултации за имињата со кои ќе учествуваат во извршната власт.