Загаденоста на воздухот не попушта, ќе се договорат ли надлежните кој треба да преземе нешто?

Прекумерното загадување на воздухот и утрово е присутно на скопското подрачје. Скопје утрово во 8 6.30 часот се најде на 12-то место по загаденост во светот, при што измерениот индекс на загадување е 167.

Специјализираната интернет страница Iqair.com која прибира податоци од целиот свет предупредува дека воздухот е „нездрав“ за дишење. Најприсутни се штетните ПМ2,5 честички, со концентрација од 87 микрограми на кубен метар воздух.

Советот до граѓаните е да носат маски кога излегуваат надвор, да не прават физички активности надвор од домовите и да си ги држат затворени прозорци во своите живеалишта.

И интернет страницата waqi.info покажува прекумерно загадување и нездрав воздух за дишење. На мерното место во Гази Баба измерената концентрација на штетните честички е 171 микрограм, а што значи дека воздухот лошо влијае врз здравјето на граѓаните. Така е и во Ѓорче Петров – 162 микрограми, како и во Лисиче – 161 микрограм.

Прекумерното загадување на воздухот беше присутно и вчера, како и во изминативе денови, но тоа не предизвика реакција на надлежните органи.

За жал, деновиве во скопската котлина нема ветер кој би помогнал да се прочисти воздухот, а што е главна „мерка“ во изминатиов период.

Наспроти ова, надлежните градски и државни органи меѓусбно си ја префрлуваат одговорноста за тоа што не се прави речиси ништо за да се намали загаденоста. Скопската градоначалничак Данела Арсовска завчера изјави дека тие преземаат мерки против загадувањето, но потребна е вклученост на сите засегнати институции.

-Надлежностите и ресурсите на Градот Скопје за справувањето со аерозагаувањето се лимитирани.  Она што е во наш домен е во целост спроведено, а со препораки треба да излезе Министерството за животна средина. Годинава тројно е зголемен бројот на инспекциски надзори од градот, како и бројот и сумата на глоби кои се изречени и наплатени кон оние што се загадувачи. Резултатите нема да бидат ништо подобри, доколку сите институции не постапуваат. Она што е во наша должност го спроведуваме во целост, но ќе повторам треба сите да одлучат и да се преземат мерки затоа што ние како единка и покрај тоа што поднесуваме кривични пријави, покрај толку исчистени депонии, сепак повеќе од тоа нашите ресурси се лимитирани и додека не одлучат сите да работат во оваа насока резултатите нема да бидат ништо подобри од тоа што биле во изминатите 30 години, на крајот еден да чисти, а 10 да загадуваат никогаш нема да го постигне резултатот кој го сакаме и очекуваме, посочи таа.

Министерката за екологија Каја Шукова неодамна изјави дека општините немаат краткорочни планови за мерки против загадувањето на воздухот

-Ниту една општина досега нема доставено краткорочен акциски план до Министерството за животна средина, за преземените мерки за намалување на аерозагадувањето во ситуации на надминување на дозволените гранични вредности. Општините треба да преземат конкретни мерки, особено, како што рече, кога се надминати граничните вредности. Има мерки кои треба да се преземат, реорганизација на сообраќај, реорганизација на работно време… Значи има повеќе мерки кои треба да се спроведат во рамките на нивните буџети, изјави Шукова.

Како што државата издвојува средства, според Шукова, истото треба да го прават и општините во рамки на своите буџети.

– Мислам дека таму треба да се насочиме, бидејќи се заложивме дека до 2030 година ќе престанеме да користиме фосилни горива. Но, тоа е само еден од сегментите. Граѓаните треба да бидат посамосвесни и да не горат се и сешто. Кога се загреваат на дрва, да не додаваат додатоци кои дополнително го загадуваат воздухот, рече Шукова.

Но, ваквите ставови никако да се се спроведат во дело и да најдат примена на теренот. Очигледно, граѓаните во најголем дел од македонските градови и оваа зима ќе бидат осудени на прекумерно загадување, со сите штетни последици коишто произлегуваат од него…

Претходна вестАнгеловски, Тодоровски, Мјаку и триото К-15 заедно со Албанскиот театар добија ордени и признанија од Пендаровски
Следна вестПромоција на Зборникот „Сто години од раѓањето на Ацо Шопов“