Децата лесно се решаваат да влезат во обложувалници и да почнат да се коцкаат, да трошат пари, што се води кон создавање зависност. Дури и родителите не ги попречуваат Кај дрогите веќе се бројни и бројни деца зависници на возраст од 14 – 15 години, предупредува Славица Шекуткоска
Сериозна тема која слабо ја перципираат државните институции. Голем дел од младината се оддаде на дроги и коцкање, а училиштата го позаборавија тоа. Повеќе им зборуваат за некакви си сексуални права и за политика отколку за пороците кои можат да ги уништат нивните животи, вели аеродромката Симона
Притиснати од многу проблеми дали заборавивме на децата и младината? Погледите ни се вперени кон вирусот, кон пандемијата, кон бугарско вето, кон опасноста за економски колапс, кон…, а се чини премногу од вид ги изгубивме децата-учениците. Затоа и се случува многумина од нив да си ги тераат своите „шеми“ на вечерни излегувања и забави како и пред пандемијата, речиси секојдневно да се интересираат за спортските обложувалници и казина, се почесто полицијата да открива марихуана и други дроги кај нив, да има греснивност и тепачки меѓу нив… Да, сето тоа се случуваше и порано, но сега како да се заборави заради „државнo важните теми“.
-Сите забележуваме дека расте бројот на младите кои одат по обложувалници, кои користат дроги. Тоа и ни го потврдија нашите истражувања и работа со нив околу нивните проблеми. Кладилници и казина веќе имате на секој чекор, блиску до школите. Децата лесно се решаваат да влезат во нив и да почнат да се коцкаат што може да води кон создавање зависност. Дури и родителите им знаат за тоа и не ги попречуваат. Кај дрогите веќе се бројни децата зависници на возраст од 14 – 15 години, вели Славица Шекуткоска, од Здружението на социјални работници.
И татко и син се обложуваат за брзи пари
А дека ситуацијата е сериозна потврдило и неодамнешното истражување меѓу средношколците кое го спровело ова Здружение. Од 4.000 анкетирани средношколци во осум града во Македонија излегло дека дури 69 проценти, односно, над две третини од учениците од 13 до 20 години играат игри на среќа – девојчињата најчесто уплаќаат лото, машките играат спортска и на слот машини. Најголем дел од нив почнале со играње игри на среќа на 14-годишна возраст. 29 отсто одговориле дека играат лото, а 25 проценти се обложуваат во спортска обложувалница. Дури 43 отсто од испитаниците на возраст од 13 до 20 години се изјасниле дека нивните родители знаат за нивното играње игри на среќа!?
-Одам најмалку еднаш неделно во обложувалница. Ќе се собереме неколкумина другари и со џепарлакот што го имаме уплаќаме. Сакаме фудбал, кошарка, ги знаеме тимовите, играчите, лесно е да се обложуваш и не е прескапо. Со 80 денари колку во кафулиња чини едно сокче ќе добиеш шанса да заработиш многу повеќе. Парите ми се главен мотив, има и возбуда, а моите дома знаат дека одам тука и не ми прават проблем. И татко ми оди тука, вели Зоран И. средношколец од Центар.
Загрижувачки сознанија открил неодамна и Европскиот училишен истражувачки проект за алкохол и други супстанци (ЕСПАД) чија анкета опфатила околу 100.000 ученици во 35 земји, а од Македонија 2.930. Кај нас излегло дека дваесет и седум отсто од македонските ученици се обложувале за пари во последната година, дека 7,8 проценти од учениците рекле дека пробале некоја дрога, а 19 проценти сметаат дека лесно можат да дојдат до марихуана.
-За обложувањето лично мислам дека процентот на учениците е далеку поголем од 27 отсто. Голема вина за тоа има државата која овозможи на секој чекор да се отвораат казина и обложувалници. Дури и родителите сами ги водат децата во обложувалниците. Против ова може само со едукација и на децата и на родителите како во училиште така и дома, вели граѓанин Никола Хаџов.
Лани се зборуваше за предлози кладилниците да се дислоцираат од градската средина или да мора да бидат оддалечени 300-500 метри подаелку од школите и факултетите, таков закон не се донесе, ниту се спомнува повеќе. Во корона кризата државата побрза да им дозволи работа на обложувалници и казината сигурно и од причина што од тоа зема милиони евра како данок со кој си го полни буџетот. А тоа, пак ги собра младите во нив…
На државата и е поважен данокот
-Неодамна бев во Италија како возач и таму беа затворени обложувалниците. Нашата држава тешко се откажува од данокот од нив. Обложувањето треба да биде онлајн за млади кои немаат сметка да не може да учествуваат. Жално е и тоа со ширењето на дрогата, тоа треба на секој начин да се спречува, ни вели Самоил Алексов.
Граѓаните сметаат дека социјалните состојби во државата битно влијаат врз овие пороци.
-Сето ова е загрижувачко, а причината е неизвесноста и бесперпективноста на луѓето. Сакаат на брз начин и моментално да побегнат од реалноста во немоќ истата да ја подобрат. Оваа и дрогите ќе се намалат ако државата сериозно и на дело ја одигра својата социјална функција, смета Владимир Гавровски.
Но, ниту државата ниту школите или семејствата не се фаќаат сериозно во коштец со овие пороци. Државата носи некакви законски забрани кои не се почитуваат, училиштата од време на време организираат пригодни часови, а голем дел од родителите забораваат на воспитната обврска.
– Поразителни се податоците за зависноста на младината од обложувалниците и дрогата. Во недостаток на сила и способност да се соочат со реалниот живот и проблемите, посегнуваат по средства за моментална среќа , можност за инстант добивка, возбуда, доживување на нешто поинакво. Создаваат некој свој круг на пријатели со исти или слични тенденции на самоуништување од кој не можат и не умеат да излезат, но чуствуваат припадност. Грижата на семејството и училиштето, во соработка со стручни лица е примарна превентива, бидејќи зависноста не се создава веднаш, потенцира Оливера Котева, просветен работник.
Но, праворемената акција на општеството никако да се случи. Како последица на тоа се добиваат анкети со се позагрижувачки податоци. Што треба да се прави, веројатно, најдобро посочува граѓанинот Ефтим Цветков.
–Коцкањето, дрогата, алкохолот и цигарите зависат од околностите и животот во едно општество. Животот во Македонија не е економски и политички квалитетен. Доколку тоа се смени верувам дека и животните навики би се смениле. Кај нас системот е општи хаос бидејќи е под влијаније на корупција. Треба се да се смени, потенцира Цветков.
И родендени се слават во обложувалници
Социјалниот работник Славица Шекуткоска ни укажува и на нов тренд меѓу младите.
-Класичните кафулиња веќе не се главни места каде младите средношколци ги прославуваат родендените. Тоа се повеќе стануваат и обложувалниците каде славеникот ги собира пријателите. А таму, секој си типува, уплаќа тикети, игра на слот машини. Кон што тоа води не е тешко да се заклучи. Обложувалниците мора да бидат подалеку од училиштата, потенцира таа.
Училиштата оваа тема ја заборавија
-Сериозна тема која слабо ја перципираат државните институции. Голем дел од младината се оддаде на дроги и коцкање, а училиштата го позаборавија тоа. Повеќе им зборуваат за некакви си сексуални права и за политика отколку за пороците кои можат да ги уништат нивните животи, вели аеродромката Симона.