Загрижувачки лекции: Што нашиот образовен систем ги научи матурантите?

Само што ќе помислиш дека државните образовни институции го допреле дното со својата неорганизираност и површност, кога тие ете ти ги пак ќе изненадат со нов продор подлабоко на дното. Овој пат тоа е со начинот како ја организираа државната матура.

Препишувањето на државата матура е вештина на која образовниот систем на Македонија не и застанува на патот. Матурантите треба само да се маштовити и да си тераат работа без многу учење. Ваква лекција завчера научија тукушто завршените средношколци откако во јавноста излезе скандалот дека речиси секој втор од околу 14.000 матуранти коишто полагале англиски јазик бил дел од 7.000 ученици кои преку вибер-групата ги споделувале одговорите на матурскиот тест.

Загрижувачко! Недозволиво! 

Државниот испитен центар побрза да соопшти дека испитот нема да биде поништен оти тестот по англиски јазик бил пробиен откако бил поделен на учениците во училниците, а не претходно. Тоа, практично, значи дека некој од учениците го сликал тестот со мобилен телефон, го испратил во вибер – групата каде оние што добро го знаат англискиот јазик брзо го решиле и веднаш потоа го споделиле на седумте илјади корисници.

Што значи ова, дека нема вина во Државниот испитен центар? Зошто на учениците им е дозволено да носат мобилни телефони за време на испитот? Немало ли одговорни лица кои го надгледуваат процесот? Има ли македонскиот образовен систем протокол како се полага матура? Само по овој предмет ли било така?

Колку, ќе бидат објективни оценките што ќе ги добијат матурантите по овој тест не е тешко да се претпостави. Некој околу тоа треба да се замисли бидејќи и ова е лекција која треба да биде дел од воспитно-образованиот процес.

Добра лекција ќе биде ако има казнети од надлежните тимови, а можеби треба некаде и да се преполага?

-Вината припаѓа на сите – и на тие што препишувале, и на тие што дозволиле да се препишува. Тоа што се случи вчера претставува пропаст на нашата колективна свест, совест и доблест. За таквите дејства не се виновни само учениците, туку и системот што тоа го дозволил, изјави вчера доскорешниот претседателот на Сојузот на средношколци Лука Павиќевиќ.

И навистина е така, вината за ова треба да се бара многу повеќе во системот којшто тоа го дозволил отколку во самите ученици. Дали некој во Министерството за образование ќе се замисли околу тоа? Или ќе бидат брзи во реакцијата како и со правење на учебниците кои фалеа цела година и ги направија неколку дена пред 10 јуни?

   

Претходна вестКаде се брза и во недела: Изречени 67 казни за брзо возење
Следна вестПовторно пукање во Америка, неколку лица се убиени има и повредени