Заминa тешката 2020-та, можеше ли власта да ја направи поподнослива?

Поправаа или дорасипуваа…

Голем дел од проблемите се предизвикани токму од властите. Пред се во дипломатијата и економијата. А се знае дека тој што предизвикува проблем, тешко може да го решава, затоа и 2020 година беше толку тешка година, ни вели скопјанецот Атанас

Пред новогодишните празници на социјалните мрежи проструи шега дека на 31 декември нема да се слави доаѓањето на новата 2021 година туку заминувањето на 2020 година. Во шегата има голема вистина со оглед на лоши работи кои се случија во изминативе дванаесет месеци. Всушност ова е една од потешките години во последните децении.

Појавата на пандемијата на корона вирусот кој во Македонија започна да се шири од февруари беше првиот сериозен удар. Околу 84.000 заразени лица, преку 2.500 починати со што сме во светскиот врв, околу 20.000  се уште активни случаи…

Пандемијата предизвика и економско пропаѓање. Стопанството влезе во рецесија, падна на колена, невработеноста од јануари до ноември се зголеми за 50.000 лица и стаса до 155.000, јавниот долг на државата се искачи на 6.559 милиони евра и на 59,5 проценти од БДП…

Не одеше добро ниту евроинтеграцијата на Македонија. Иако македонската власт буквално клечеше пред Софија угодувајќи и на многу начини дури и со антимакедонски интервјуа, дочекавме бугарското вето, на кое од ЕУ не мрднаа со прст да го спречат.

Ова се трите најтешки удари поради кои 2020 година уште долго ќе ни го заматува умот и направи да не се надеваме премногу дека претстојната ќе биде подобра. Но, колку и соочувањето со овие проблеми да било неминовно, нивните последици можеа да бидат полесни доколку надлежните државни органи на време преземаа соодветни мерки и ситуацијата ја држеа под контрола. Направи ли власта доволно за годината да не биде така црна?

Последиците од корона кризата ќе беа помали доколку на време добро се поставеше здравствениот систем. Мораше ли да има големи задолжувања, а нема доволно помош за економијата и сиромашните? Можеше ли да се предвиди бугарското вето уште кога се потпишуваше договорот за добрососедство во кој има фалинки?

На сите овие прашања власта би рекла дека е направено максимум. Но што велат скопјани, можеше ли годината да ни биде полесна со помош на Владата и Претседателот?

– Голем дел од проблемите во оваа година се предизвикани токму од властите. Пред се во  дипломатијата и економијата. А се знае дека тој што предизвикува проблем, тешко може да го решава, затоа и 2020 година беше толку тешка година, ни вели скопјанецот Атанас.

-Справувањето на државата со трите проблеми е на катастофално ниво, што најмногу го погодува обичниот народ. Значи, катастрофално разочарувачки во буквална смисла, вели граѓанката Мими Митруловска.

Таа има и малку надежи дека ќе биде поодбро догодина.

-Со оглед на тоа дека следува нова 2021, да се надеваме на подобро. Ама со оваа катастрофа тешко ќе се справиме, потенцираа Митруловска.

Големи подобрувања во претстојните дванаесет месеци не очекува ниту граѓанинот Роберт Јандревски.

-Многу подобрување во однос на справувањето со корона вирусот не може да има, а со Бугарија не верувам дека е можен компромис бидејќи тие стојат на становиште дека сме Бугари. Така, едно се очекувањата, но друго е реалноста. Не очекувам поголеми промени да ни се случат во 2021 година, наведува Јандревски.

Трите главни проблеми остануваат и во новата година. Останува и истата власт. Ќе најдат ли сили да бидат поразлични и 2021 година да ја направат поподнослива за населението во Македонија? Или тоа ќе го чекаме од Дедо Мраз?

Три работи кои ни тежеа во 2020 година

Пандемија на корона вирус: околу 84.000 заразени лица, преку 2.500 починати

Економска криза: рецесија, невработеноста во ноември стаса до 155.000 лица, јавниот долг на државата се искачи на 6.559 милиони евра

Запрена евроинтеграција, трпење удари врз македонскиот идентитет

Претходна вестВМРО-ДПМНЕ: Филипче да погледне кај соседите што значи план за вакцини
Следна вестИ пубертетлии македонска телевизија не ти гледаат