Започна реконструкција на улицата ,,Столтенбергова” која ги поврзува Градскиот парк, Градскиот стадион и кејот на реката Вардар. Тоа е резултат од меѓуопштинската соработка на Центар со Градот Скопје, а градежните зафати на кои работи ЈП „Улици и патишта“ се одвиваат на потегот пред градскиот стадион каде е вградена камена коцка односно калдрма која со реконструкцијата ќе биде отстранета и на чие место ќе се постави нов алфалт слој.
-Денеска започнаа градежните зафати на потегот пред Градскиот стадион „Тодор Проески“ кој беше покриен со калдрма која со текот на времето беше оштетена и дотраена. Со овие реконструктивни зафати сета калдрма ќе биде извадена и ќе биде заменета со нов асфалтен слој. Со градежните зафати ќе го изедначат целиот круг околу градскиот стадион со што ќе се добие целина затоа што калдрма имаше единствено на локацијата каде сега се работи, вели Герасимовски.