Изборната кампања ја дига температурата во Македонија. Се разжестија партиите, но не само со „врели“ понуди за иднината на земјата тику и со меѓусебни обвинувања, најави за тужби за клевета, најави дека ќе има одговорност…
По само два дена откако тргна кампања од изборниот штаб на Стево Пендаровски најавија тужба за клевета откако најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ го обвини дека и тој стои зад шемата за фалсификување на документи и лажни вести за изборни цели. Партискиот портпарол Наум Стопилковски директно го обвини Пендаровски дека ја одобрил таквата шема разработена од тимот на чие чело е консултат од Израел.
– Заедничка работа на овој тим управуван од Асаф Еисин, со одобрување на Пендаровски е да склопат и креираат наводни документи, фалсификувани листови, врз определени податоци, (на пример седницата на ИК на ВМРО-ДПМНЕ во декември, на која е споменат РИШ) па сето тоа да го зачинат, со лажни податоци за имиња, насоки и сето тоа со фалсификување на потписи на лица коишто се познати во јавноста, како и со лица кои што не постојат. Ваквите креирани документи, вклучувајќи и наратив, приказна, се дава на определени медиуми креирани од СДС до СДС, или медиуми кои не гледаат проблем во црни пари во кампања, потенцира Стоилковски.
На ова од Штабот на Пендаровски возвратија дека се работи за лажни наводи со цел дефокус од скандалот за активна операција на ВМРО-ДПМНЕ за фингирање анкети заради манипулација на јавното мислење.
-Според наводите во македонските медиуми, ВМРО-ДПМНЕ, немајќи реална политичка понуда, планирале противзаконски активности за манипулација на изборите преку креирање на лажни вести, злоупотреба на јавниот сервис, притисоци врз јавната администрација, или со други зборови, практикување на старите навики на партијата која ја имаше заробено државата со години, пишува во демантот во кој се наведува дека Јавното обвинителство треба да ги испита сите наводи изнесени во медиумите.
На ова, пак, од ВМРО-ДПМНЕ порачаа инволвираните да се подготват за одговорност, што би требало да значи дека ќе има судски процеси.
– Ако мислеа дека ќе преминеме преку основаните сомневања дека поставиле мрежа за фалсификување на документи и ширење на лажни вести тогаш се лажат. Одговорност ќе има, и целата мрежа ке биде разглобена до најситните детали. Нашите информации и сомневања говорат дека Еролд Муслиу ја злоупотребил Агенцијата за разузнување со која раководи, за фалсификување на документи каде преку кабинетот на Пендаровски и со посредство на Миле Зечевиќ стига до одредени медиуми и СДС. Печат на сето тоа дава балканскиот мешетар и скапо платен контрактор Асаф Еисеин за кого Пендаровски призна дека работи во кампањата на партијата СДС, се вели во партиската реакција.
Од друга страна неколку дена претходно и ВМРО-ДПМНЕ најави тужба за клевета околу документите кои ги објави СДСМ за анкетите.
-Потписите на документот се целосно измислени и не кореспондираат со реалните. Иако видовме дека за СДС е нормално да го погрешат презимето на нивниот лидер Ковачевски веројатно разумно и логично е ВМРО-ДПМНЕ да си ги препознава луѓето и потписите од својата партија, нешто што не е случај и во посочениот и измислен документ, што само кажува кој е изворот на веста, се вели во соопштението од партијата.
Очигледно, битката за гласови ќе се префрли во некоја од судниците. Зарем не е подобро да се вратат на суштината на изборната кампања – давање на нови проекти и нови визии за развојот на државата, како и отчет што до сега сработиле? Тоа сакаат да го слушнат и видат граѓаните.
А, и нели цело време ни кажуваат: на Македонија и треба демократија и обединување?