Зарем треба лаборатории да си отвориме по дома?

Дали зачести храна полна со отровни материи на полиците во маркетите низ Македонија? Имавме два случаја на повлекување на млеко и на јогурт поради недозволена концентрација на алфатоксин М1 во период од само две недели. Претходно, кон крајот на септември, имаше случај на итно повлекување на виршли поради присуство на бактерија Листерија, а пред некој месец од гондолите по маркетите мораа да се тргнат и киндер-јајцата и слични производи…

Добро е што ова се открило. Но, ваквиот биланс не може, а да не загрижи. Примерите секако дека се доволни за да се вклучи алармот кај надлежните институции. Колку често граѓаните се сретнуваат со недоволно исправна и сигурна храна? 

Присуството на алфатоксините може да се открие ако благовремено се вршат сите потребни контроли. Во случајот со млекото и јогуртот прашање е зошто производителите не го забележале тоа, но, исто така, прашање е како е можно тие производи да биле увезени во наша земја и да се ставени во продажба? Односно, зошто се случува надлежната Агенција за храна и ветеринарство да утврди дека одредени производи не се добри и дека мора итно да се повлечат дури откако веќе се продавале и откако ги купиле и конзумирале кој знае колку граѓани?

Сето ова се прашања на кои надлежните треба да дадат одговори. Јасно станува дека квалитетот на дел од храната станува се посомнителен. Се користат сомнителни ѓубрива, хемиски препарати, стероиди, адитиви, вештачки бои… а што храната ја прави извор на опасноста по здравјето на граѓаните. Купувачите не можат дома да имаат лаборатории за да ги проверуваат производите кои ги купиле.

Од таа причина, надлежните служби, како што е Агенција за храна и ветеринарство, мора да бидат уште повеќе активни за евентуалните ризици по здравјето бидат отклонети. Ако нема добра контрола и заштита опасностите по населението ќе се зголемуваат. Воедно, се раѓа и недоверба и страв што да се купи, од тоа губат и чесните производители на храна.

Граѓаните дебело ги плаќаат разните производи, граѓаните дебело ги плаќаат и разните институции околу контрола на храната, нели е тоа доволно за да бидат помирни и посигурни?

Претходна вестРоденденски концерт на оркестарот на Филхармонија
Следна вестБеше „амблем“ на Југославија: 14 години без легендарната „Застава 101″