Колумна на Габриела Арсова:
Зошто сите централни власти очекуваат дека со идентични мерки секаде ќе се обезбеди рамномерен развој на различно развиените региони? Или поинаку речено: како се очекува регионите да не изумираат, ако на Битола и на Берово на исти начин им се пристапува? Добар дел од политичарите велат не било по европски „фаворизирањето“ на некои региони!? Законите морало да бидат исти на ниво на државата?! Ма зарем?! Требало еднакви услови за сите…
Супер! Ајде! Нека се обезбедат еднакви услови за живеење и работење на сите, во услови на исти законски регулативи. Сите оние кои живеат и работат во внатрешноста (а се помалку ги има) принудени се за се нешто да одат во Скопје, да завршат работа. Не само што не се фаворизирани, не само што немаат еднакви услови, туку се во подредена положба. Ова е многу опширна и сериозна тема. И ги засега сите од внатрешноста – од граѓаните до претставниците на локалните власти. Без исклучок.
И само како вовед во темата. Кога сме кај еднаквите услови и реално нерамноправните односи. На оној кој доаѓа од Берово, Валадово, Струга за да заврши една иста работа со оној во главниот град потребни му се дополнителни два часа – во еден правец. И уште два часа да се врати назад. Мислите ужива во среќата што ќе оди во Скопје да заврши некоја работа? Рамоправен е со оној кој е во Скопје? Во контекст, нели, на стартните нееднаквите услови. И во контекст на 400-те км непотребно патување на дневна основа за што ли се не. Ако на ова се додаде аморитизацијата на возило, потрошувачката на гориво, плаќањето патарини…Притоа фактот дека цел ден не си бил на работа не е ни за споменување. Помислете, можен ли е рамномерен развој на ваков начин? И очигледно си е. Стартните нерамноправни односи не се ни анализираат. А ова е тема за која секојдневно се говори во внатрешноста.
Да се разбереме. Факт е дека на оние од внатрешноста не им изгорела душата да доаѓаат во главниот град. Сигурно е така. Но, факт е и дека приликите се такви што мора да се доаѓа. Сакале, нејќеле. Се помислило некогаш на овој момент? Се сетил ли некој дека веројатно им е мака да доаѓаат? Се сетил ли некој дека можеби затоа и се селат во Скопје. А можеби тоа е и една од причините зошто се иселуваат?
Не е поентата да се направат паркинзи да има каде да паркираат оние кои придоаѓаат. Суштински важно е да се создадат услови да не мора да доаѓаат. И сигурно нема да доаѓаат. И поквалитетно ќе живеат и поуспешно и побрзо ќе си ги вршат работите.
Силната централизација и јакото држење на уздите се сериозен проблем. Засега ненадминлив. Децентрализирајте или Македонија (Северна или не) ќе си живее и постои само во Скопје! И околината. Дајте шанса регионите за живеат и да се развиваат.
И да… успех во вториот круг на локалните избори!