Подло се наметнати туѓите намери за редефинирање на македонската држава, нација и историја

Граѓаните, оние лојалните, одвојуваат свои средства за подмирување на давачките на државата за доброто во сите свери на општеството. За жал, овие сретства одат по некои матни патишта, потенцира Поп Илиев

 Нашиот познат карикатурист Јордан Поп Илиев смета дека во Македонија наместо да учиме грешките, нашите владини преставници прават нови – уште поголеми грешки.

Кога ќе кажете Македонија, кои мисли и слики прво Ви се појавуваат?

– Сакана земја, сакана татковина. Земја на моето раѓање, на постоење (на моите детски лудории, бурната младост па се до зрелата доба). Ја сакам со убавиот слоган Вечна Македонија“. Земја што ме исполнува со силен порив на среќа и радост. Земја во која имам топол дом и среќно семејство. Македонија ми побудува чувство на љубов, слобода и незаборав. Незаборав на детството поминато во Неготино, во убавата Тиквешија. Топлина ми го исполнува срцето кога на препознатливите симболи, мојата 2 годишна внука извикнува Ма-ке-до-ни-ја!. Сите мои чувства се врзани со македонската култура, уметност и јазик. Во моите карикатури се открива белегот на социјалниот живот, националниот идентитет и мудроста на македонскиот народ.

Кои се најкрупните 2-3 грешки кои се направија во Македонија во последните 30 години?

– Како индустриски педагог и кадровик во голем индустриски гигант ја почуствував најголемата грешка со трансформацијата на општествениот капитал, каде од 14.000 вработени преку ноќ станавме 3.000 вработени што направи големи семејни потреси и трагедии. Една од капиталните грешки во повеќепартијскиот систем е овозможување да се формираат повеќе национални партии кои во името на демократијата го нагризаа македонското ткиво. Од околу 140 држави кои не признаа под уставното име дојдовме до состојба кога сами не си го признаваме уставното и вековно име. Наместо да се учиме од грешките нашите владини преставници создадоа нови и уште поголеми грешки. Со Преспанскиот договор се прифати модифицирање на името на државата лишени од основните права на самоопределување и суверенитет. Се смени Уставот на Република Македонија, без почитување на званичните резултати од референдумот, спротивно на волјата на народот. Со договорот за добрососедски односи со Бугарија подло се наметнати туѓите намери за редефинирање на македонската држава, нација и историја.

Граѓаните даваат и плаќаат даноци, но дали властите доволно и даваат на државата?

– Граѓаните, оние лојалните, одвојуваат свои средства за подмирување на давачките на државата за доброто во сите свери на општеството. За жал, овие сретства одат по некои матни патишта. Ако погледниме како се живее на село, какви се нашите  градови, училишта, културни установи, колку ја чуваме животната средина, ќе констатираме дека средствата што ги издвојуваме ги присвоиле криминални структури и урбаната мафија. Здраството ни е запоставено. Со корона пандемијата се направија додатни грешки. Наместо како мала држава да имаме контрола над состојбата, избраните стручни лица не успеваат да се справат со состојбата, па дојдовме до ситуација кога здраствената политика ја водат премиерот и министерот за здравство. Културните работници, уметниците се ставени на маргините.

Дали Вие доволно и дадовте на Македонија?

– Како раководител во оделение за образование активно бев вклучен во работата на кадровските прашања и на оспособувањата и прекфалификација на работниците. Како карикатурист доволно ја претставував Македонија со моите преку 200 меѓународни награди и признанија, изложби низ светот, самостојни изложби, членување во меѓународни конкурси на карикатурата преставуван под уставното име Македонија за кое многу сум горд.

Со што најмногу се гордеете во нашата земја?

– Со името Македонија. Сакам да живеам во мојата Македонија (не Северна). Се гордеам со нејзиното исконско постоење што го потврдува нејзиното археолошко богатство. Се гордеам со огромниот интелектуален потенцијал кој постојано треба да се пронаоѓа и користи. Гордост е големата бројка на познати  сликари, актери, писатели, лекари, архитекти, професори. Се гордеам со нејзиното историјско минато и со нејзините природни убавини.

Што Ви недостасува, а што би одзеле од државата?

– Она што најмногу ми недостасува тоа е стабилен општествен систем и почитување на законите. Ми недостасува брз напредок на државата, судство во кое граѓанинот ќе има доверба, слога и соработка меѓу институциите и народот. Би сакал државата повеќе да се заложи за културата. Да се исклучи фаворизирање на одредени настани и личности. Како карикатурист би сакал да се возобнови годишната  изложба на македонските карикатуристи.

Претходна вестЗарем треба сите да живееме само во Скопје!
Следна вестИма многу партиски вработувања и корупција, затоа го продадов бизнисот и заминав од Македонија