Со Владимир Тунтев – Вепар, член на скопскиот мото-клуб „Вепар“ зборуваме за проблемите со моторџиите во Скопје, за се поголемиот број на сообраќајни несреќи во кои тие учествуваат, за…
Какви се трендовите со користење на моторите во Скопје и во Македонија, некако се чини ги има се повеќе…
На моторот сум веќе речиси цели четири децении и ако се направи едно ретро за тој период можам да кажам дека во последните десет години се случува едно големо зголемување на бројот на корисници на мотори и на бројот на моторите воопшто. Има различни причини за тоа. Некои почнаа да користат мали скутери за да си го олеснат одењето на работа, паркирањето, некои, пак, уживаат во возењето мотор. Мислам дека е основно тоа што во 90 проценти од случаевите се работи за пасија и убавото чувство кое го имаат луѓето кога возат мотор. Она чувство на слобода кое се јавува при неговото возење е комплетно поинакво отколку кога се вози автомобил. Кога еден човек ќе влезе во таа приказна комплетно се менува. Овој тренд на зголемување на бројот на моторџии, но и на мото-клубовите кои соработуваат едни со други е секако за поздравување. Но, тоа носи и одговорност
Каква е состојбата по скопските сообраќајници од аспект на она што го прават моторџиите, има многу сообраќајки, жртви…?
-Јасно и очигледно е дека има дел од моторџиите кои воопшто не ги почитуваат правилата, кои возат пребрзо. Колку се тие процентуално застапени во вкупниот број на моторџии не знам точно, но мислам дека од 15 до 20 проценти од моторџиите возат дивјачки, опасно и дека ги загрозуваат другите учесници во сообраќајот. Останатите мислам, возат како што треба. И јас сум често во сутуација да бидам загрозен на улица кога возам мој мотор. Покрај мене блиску ќе помине друг моторџија со преголема брзина, а што не може да не е опасно. И до тепање доаѓале таквите ситуации кога на следниот семафор ќе го стасам и ќе го прашам: „Што правиш, како тоа возиш?“.
Скопје го сметам за најнебезбеден град кога е во прашање возењето мотори, сообраќајки опасни ситуации. Посебно е опасно во овој пролетен период што следува – во март, април, мај… Тогаш и се случува најголем број на сообраќајки. Така е наназад 10-12 години по ред. Моторџиите масовно излегуваат да возат на улици, а возачите на автомобили и на автобуси се уште не се навикнати дека на коловозот може да поминува и моторџија. Нивно мало менување на правецот, не гледање во ретровизор, и се случува сообраќајка. Немаме навика за присуството на моторите на коловозите. Во другите светски градови не е така, сум возел и во Мексико сити, во Солун, и таму веднаш се забележува такво внимавање. Дури и на Косово повеќе се внимава отколку тука. Мора да се води сметка за безбедност од двете страни – возачите на автомобилите за моторџиите, моторџиите за возачите на автомобилите.
Дали се доволни законските решенија коишто се однесуваат на моторџии или треба и нови?
-Мислам дека законските решенија се во ред. Основно е тоа да се почитуваат сообраќајни правила и прописи и да се носи заштитна опрема, кацига и слично. И доследна примена на предвидените прописи. Би можело да се размислува и за воведувања на нови решенија наменети за моторџиите на самите сообраќајници. Во многу светски градови, таму каде што булеварите се доволно широки и кои се мошне прометни предвидени се и постојат посебни потесни летни неменети за моторџиите. На тој начин се одбегнува моторџиите да се пикаат меѓу колите кога ќе настане некоја долга колона на возила.
Треба и постојана контрола на бучавата што ја произведуваат некои моторџии со свои мотори. За тоа се предвидени санкции и тие треба да се применуваат по чести контроли.
Како да се дојде до ред, како да се намалат сообраќајни несреќи, моторџиите да не бидат извор на нарушување на сообраќајните прописи?
-Одговорот е само во едно – само преку доследно санкционирање на сите неправилности. Тоа е најдобар и најсигурен пат дека нешто ќе се смени и ќе се подобри. Се пробувале и другите начини, но тие не се толку ефикасни. Тоа што е пропишано и да се спроведува. Може МВР при очигледното дивеење на некој моторџија да му го одземе моторот, може да му ја одземе возачката дозвола. Тоа не може, а да не остане без ефект како санкција. Исто така, потребни се и почести контроли од страна на полицијата. Факт е дека последниве неколку години има почести контроли, како во Скопје така и во други подрачја на Македонија. Но, со тоа треба и натаму да се продолжува.