Талентот кој не се надоградува континуирано е залудно потрошен дар

Лани македонските ученици постигнаа најголеми успеси на меѓународните Олимпијади по физика. На Европската, во јуни имаа историско освојување на две сребрени медали, еден бронзен и една пофалница, а на Светската, во јули остварија – две бронзи и две пофалници. Дел од овој голем успех, остварен од учениците за чии таленти „Скопско ехо“ веќе пишуваше, беше и Матеј Гелев, кој на двете смотри доби две пофалници. Осумнаесетгодишниот Матеј, кој лани матурираше во приватното средно училиште „Јахја Кемал“, ни вели дека е посебно среќен поради успехот.

-Последните неколку години забележителен е пораст на резултатите во Македонија. Особено забележлив е високиот пласман на Европската Олимпијада по физика на која јас и моите сонатпреварувачи за првпат во историјата на македонската олимписка физика освоивме два сребрени и два бронзени медала, пласман што ја издигна земјата на високо место споредено со останатите европски држави, вели тој.

Тој матурирал на природно-математичката насока, а покрај интересот за физика, занимливи за него се и историјата, етимиологијата и граматиката, како и зимските спортови. Често излегува со пријателите на спорт или собиранки. Вели дека уште додека бил мал неговите родители му ја развивале, обликувале и негувале неговата љубопитност за природата.

-Следствено, како некој кој уште од мал е учен да поставува прашања за светот околу него, физиката за мене изгледаше како најприродно и најудобно место за барање на одговорите. Книгите и енциклопедиите за универзумот и големите прашања во науката со текот на времето беа надоградени со логички загатки и вежби. За првпат започнав да се натпреварувам во четврто одделение, по математика. Како минуваа годините интересот за научните дисциплини ми се продлабочи и прошири, поради тоа продолжив со натпреварување по физика, хемија и биологија, наведува Матеј.

Резултат на тоа се и другите бројни други награди кои ги добивал на досегашните натпревари како на пример бронзениот медал од Светската Јуниорска Олимпијада по природни науки.

-Иако немам некое застрашувачко искуство по физика за да пресудам што е одлучно за успех, сметам дека предодреденоста за одредена професија игра важен момент кога се создава љубовта кон полето на интересирање. Покрај ова, сметам дека талентот кој не се надоградува континуирано е залудно потрошен дар, ни вели овој талент.

Иднина посветена на теоретската физика

Матеј ни вели дека својата иднина ќе ја врзе за областа на теоретска физика.

-Особено би сакал да сум дел од научни групи кои ги истражуваат актуелните теми од светот на модерната физика и наука. Заинтересиран сум паралелно да земам и предмети од другите научни дисциплини, вклучително и општествените науки како историјата и психологијата. Животот во Македонија по студиите не е опција која ја отфрлам. Напротив, сметам дека нашето општество изобилува со квалитетна и талентирна младина на која и е потребно здраво општество, општество кое останува на интелектуалната фела да го возобнови и изгради, потенцира тој.

Претходна вестСекој петти моторџија вози дивјачки, Скопје е најнебезбеден град
Следна вестКазнети 142 возачи, 15 возеле без дозвола, седуммина поминале на црвено…