Со талентот и упорното вежбање до сега допливав до 17 рекорди

На сега 12-годишниот Влатко Цеков пред седум години, кога имал само пет години, тогаш и не му се влегувало во базенот за пливање. Но, желбата на неговите родители да почне да тренира пливање била голема и морал да влезе во вода под надзор на тренерот. Потоа се се сменило. Уште од тој прв тренинг, кој го држел неговиот тренер Бошко Томовски, се родила љубовта кон водата и пливањето. На површината испливал и потенцијалот кој тогаш го имал овој сегашен ученик во шестто одделние во ОУ „Ацо Шопов“ во Радишани. Тоа, истовремено, значело и целосно посветување на пливањето, почеток на редовно тренирање и се друго што подразбира активното бавење со овој спорт.

-По првите тренинзи следуваше и мојот прв натпревар во 2017 година на натпреварувањето ,,Октопод куп” каде што бев прогласен за најмлад учесник. Тоа тогаш беше и прва моја мотивација за да продолжам понатаму. Оттогаш до денес секој ден одам на тренинг со желба да постигнам успех на натпреварите, а секој успех е мотивација да продолжам понатаму со нови успеси, нови резултати и нови победи, ни вели Влатко кој е член во пливачкиот клуб „Вардар 2018“, каде тренер се уште му е Бошко Томовски.

Да се оддржува форма во пливањето воопшто не е лесна работа и за таа цел Влатко мора да има шест тренинзи неделно. А, како што ни вели, секој тренинг е со нов предизвик за нов успех и за што најмногу е благодарен на тренерот Бошко кој, според него, ја заслужува титулата за најдобар тренер.

-Тренинзите се напорни, но понекогаш и забавни. Се усовршуваат техниките во дисциплините кои ги применуваме на натпреварите. Успехот се должи на трудот, посветеноста, љубовта кон спортот, желбата за успех…, ни објаснува овој пливачки талент.

Благодарение на таа посветеност не изостануваат ниту успесите на пливачките натпревари. Тие се веќе многубројни, а дел од нив се неговите државни рекорди во категорија помлади пионери.

-До сега имам 17 рекорди и 2022 и 2023 година сум прогласен за најуспешен пливач во Република Македонија во категорија помлади пионери, ни кажува тој.

Така, Влатко е рекордер на Македонија во следните дисциплини: 25м базен- 50,100,200,400 слободно; 50,100,200 градно; 100, 200 мешано. 50м базен- 50,100, 200, 400 слободно; 50 делфин; 50,100, 200 градно.

-Талентот е поврзан со упорната работа бидејќи кога ќе се пронајде талентот во тоа што се работи резултатот е поголем. Јас талентот го најдов во пливањето и го надоградувам со напорна работа, со тренинзи координирани од тренерот Бошко. И во иднина планирам да продолжам со пливањето, напорна работа, труд и посветеност. Имам желба за учество на Олимписки игри, Европско и Светско првенство и многу други големи значајни натпреварувања, најавува Влатко.

 Само помислувам да дадам се од себе и тргнувам…

Тој објасни и што прави при секој натпревар:

-Кога влегувам во вода за време на натпревар единствена мисла ми е да дадам се од себе за да го постигнам најдоброто. Моите победи се резултат на работата и дисциплината на тренингот, ни кажува Влатко Цеков.

Претходна вестБез струја, дел од неколку скопски општини
Следна вестТиквеш го освои Купот на Македонија