Напорната работа, дисциплината и добриот тренер се поважни од талентот

Одбојкарите Сара СЕРАФИМОВА и Ангел БОШКОВ од „ЈАНТА ВОЛЕЈ

 Талентот не е решавачки за успех туку упорноста во вежбањето, посветеноста на она што го правите. Ваков е одговорот на прашањето како се доаѓа до успех, добивме од двајца млади талентирани и перспективни спортисти-одбојкари. Седумнаесетгодишниот Ангел Бошков и 18-годишната Сара Серафимова се дел од машките и женските младински и први екипи на познатиот скопски одбојкарски клуб „Јанта Волеј“ каде нивниот талент се повеќе доаѓа до израз. Ангел, кој одбојката ја засакал преку ТВ серија и преку посети на градските терени на песок, тренира веќе три години и стаса до клупскиот состав за прва лига. Сара, пак, со одбојката е врзана веќе осум години откако почнала во школскиот одбојкарски клуб за да и таа сега настапува во младинска категорија и во првата женска лига.

о одбојката идентична важност имаат и трудот и талентот, дури можеби трудот повеќе се вреднува. Талентот е нешто што само од себе е многу површински и може да те издигне до одредено ниво, а напорната работа е нештото што ќе овозможи талентот да расцвета и да овозможи повеќе од очекуваното, ни кажува Ангел.

Слично зборува и Сара според која талентот не игра многу голема улога во одбојката и во било што друго што сакаме да го постигнеме.

Сметам дека напорна работа, дисциплина, секојднева физичка активност и правилна исхрана се клучни фактори во патот до успехот. Со позитивна мисла и работа на себе нема нешто што не може да се постигне, вели таа.

Додаваат и тоа дека, секако, неопходна е и поддршка на тренерите, наставниците, учителите… Ангел потенцира дека она што го прави еден играч комплетен е комбинацијата од самоиницијативата и посветеноста на тренерите врз тимот и играчот. За Сара поддршката од тренерите е една од најбитните елементи во постигнување на успехот, посебно пред големите утакмици на тренинзите.

Битно е тренерот да те мотивира и во оние моменти кога мислиш дека навистина не можеш повеќе. Сметам дека со добар тренер се подобрува и хемијата во тимот, а кога тимот функционира сплотено ништо не може да го растури, вели таа.

И на двајцата својата иднина ја врзуваат за одбојката. Ангел не крие дека амбициите му се високи.

Моите амбиции се прилично високи кон одбојката, но се чуствувам дека самите услови во државава за истата се прилично под просечни. Сепак не дозволувам тоа да ме спречи и демотивира во мојот развој како играч. Моите планови за во блиска иднина се да останам во ,,Јанта Волеј’’ со цел да се истакнам заедно со моите соиграчи и да прошириме мотивација кај младите таленти кој се дел од овој просперитетен тим, вели тој.

Сара, пак, би сакала на одбојката да и се посвети и професионално.

Планирам со спортска стипендија да пробам да влезам на некој од универзитетите во Америка, и таму да настапувам за универзитетот во кој ќе учам. До тогаш планот е да останам овде и да продолжам напорно да тренирам како и до сега, ни најавува таа.

Нема откажување од сонот

Ангел и Сара имаат посебен совет до младите кои ќе почувствуваат дека имаат талент за нешто.

Талентот и желбата која ја поседуваат младите, треба да се истакне што порано, бидејќи во спортот еден од поголемите фактори е искуството и осетот на терен, кој што може да се стекне само со тек на време и напорна работа, порачува Ангел.

Сара вели:

Мој совет до младите таленти е да бидат доследни и упори во тоа што го прават. Да го исфрлат стравот и сомнежот и да останат фокусирани на целта. Никогаш да не се откажуваат од својот сон. Секогаш ќе има повеќе порази отколку победи, но не треба да дозволат негативната мисла да се манифестира. Треба да останат мотивирани и страсни и големите соништа ќе се остварат.

Претходна вестСе отвори новиот пешачки мост кој беше наменет за панорамското тркало
Следна вестШилегов: Изјавата на Захариева за Тито е глупост, бара алиби