Вежбањето од 6 до 8 часови дневно ми ја донесе олимписката бронза по хемија

Бронзата која неодамна ја освои на Светската Олимпијада по хемија во Јапонија е само последното одличје меѓу многуте кои веќе ги има 17-годишниот Дарко Стојчев од Кавадарци. Претходно, тој беше трикратен државен првак по хемија во својата генерација, пред три години освои бронзен медал на Јуниорската Олимпијада по Природни науки во Боцвана, а освои и Пофалница на Меѓународната Олимпијада по Хемија која се одржа минатата година во Истанбул... Така е кога се сака еден предмет, а овој поранешен ученик во ОУ „Тоде Хаџи-Тефов“ и средното училиште „Добри Даскалов“ во Кавадарци (каде ги завршил првите две години) својата желба за знаењата ја посветил на хемијата. Тој сега е ученик во скопското средно училиште „Јосип Броз-Тито“ во програмата за Меѓународна матура.

-На почетокот на школувањето сосема лесно успевав да совладам се што учевме, најчесто на самите часови. Освен леснотијата, ме движеше и љубопитноста. Интересно, во четврто одделение прво почна да одам на натпревари по математика на кои имав успеси. Но, подоцна, кога се запознав со природните науки, дознав дека тие за мене се многу поинтересни. Успехот кој го постигнував на државните натпревари по хемија, биологија и физика, ми овозможија пласман на Меѓународната Јуниорска Олимпијада по Природни науки, каде всушност и се запознав вистински со длабочината на овие науки, ни раскажува Дарко.

Зад тоа учество стои голем труд. Овој млад талент од Кавадарци ни објаснува дека низ текот на годината на хемијата и посветува барам по 2 до 3 часа дневно. Кога има подготовки на Институтот за Хемија, тогаш подготовките траат од четири до осум часа дневно, а тој лично, во месеците непосредно пред олимпијада се обидува да работи од шест до осум часа дневно. Тоа е неопходно бидејќи, на пример, тестовите на Олимпијадата траат пет часа, за време на кои треба да се биде максимално сконцентриран. Минатогодишниот теоретски тест на Олимпијадата по хемија бил долг 52 страници, а задачите во него бараа знаења на ниво на додипломски, а некои ретки задачи и на ниво на постдипломски студии.

метам дека и талентот и вежбањето се поденакво важни, особено за меѓународни натпревари, каде материјалот е истовремено и тежок, но и обемен – па за да се совлада добро треба многу работа, без разлика на тоа колку е талентиран ученикот – без вежбање тој талент би останал неискористен. Сепак, талентот најчесто овозможува подобро, но и побрзо сфаќање на материјалот, што е исто така клучно, потенцира Дарко.

Тој е незадоволен од тоа како се работи со таленти во нашиот образовен систем бидејќи работењето со талентите во Македонија главно е оставено на ентузијазмот на професорите од факултетите кои и ги организираат натпреварувањата.

Образовниот систем како што е сега поставен не овозможува квалитетен развој на талентираните ученици. Според мене, најдобар модел на образовен систем би бил оној во кој ученикот би можел да избира предмети кои би ги учел со неколку задолжителни. Покрај ова, ученикот би можел да избере предмети кои би ги учел на високо ниво – тоа значи повеќе часови неделно по предметите кои ќе се изберат на повисоко ниво, повеќе работа на материјалот за кој одреден ученик е талентиран и можност за негов напредок во областа. Јас имам исто часови во училиштето по хемија, и да речеме музичко образование за што и немам баш талент, што според мене треба да се промени, бара тој.

Студирање во странство, а за враќање дома…

 Дарко во иднина се гледа како хемичар и се надева дека ќе добие можност за усовршување во некој признат универзитет од областа на хемијата.

Желбата сега ми е да го продолжам образованието надвор од нашата држава по можност во некој од престижните универзитети. Се надевам дека додека да завршам со образованието ќе се сменат работите и во нашата земја и ќе се отворат повеќе можности за научно истражувачка работа што би создало услови за враќање во мојата земја, ако не … , ја остава младиот тален реченицата недозавршена.

Претходна вестСите што ќе дојдат тука од Авганистан ќе бидат до 90 дена, никој не побарал азил
Следна вестСекој ден се поголем број починати- денеска 27 и 333 новозаразени